1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Шведска: Eксплозија на насилство поради социјалната неправда

По безредијата во Стокхолм е јасно: Шведска не ја заслужува добрата репутација која и се препишува како земја која може да служи за пример. Мигрантите веќе се чувствуваат запоставени, во предградијата врие.

Шведска е земја во која младите се образовани, а возрасните ги почитуваат законите. Школски пример за социјална правда и интеграција. Меѓутоа, тое е и земја во чии предградија горат автомобили. „Во Шведска не е злато се' што сјае“, вели Тобијас Етзолд од проектот за северна Европа на фондацијата за Наука и политика од Берлин. „И земјата, која важи за добар пример, како Шведска, која добро функционира како социјална држава и во која живее релативно богато население, не е имуна на економската и финансиската криза во Европа“, вели Етзолд.

Тензија помеѓу богатите и сиромашните

Она што совршениот свет во северноевропската држава ја потресува се безредијата кои започнаа во предградието на Стокхолм Хусби- населба со 12.000 луѓе од кое 85 проценти имаат мигрантско потекло. Таму повеќе од третина од населението помеѓу 20 и 25 години е невработено. Шведската влада по кризата во 2008. и 2009. година беше принудена да спроведе мерки на штедење. Државата со реформите брзо ги реши економските проблеми. Меѓутоа, со нив е значително погодено сиромашното население. „Владата се погрижи за намалувања на додатоците за боледување и за невработеност, а од друга страна овозможи даночни олеснувања за богатите“, вели Етзолд. „Такво нешто секогаш води до голема поделба во општеството помеѓу богатите и сиромашните“, вели Алмут Мелер од Германското друштво за надворешна политика.

Овие проблеми можат јасно да се видат во Хусби. Предградието е изградено во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, за да се добијат ефтини станови. Во социјалните станови за посиромашното население тогаш се вселиле Швеѓани. Меѓутоа, во тие станови од ден на ден се вселувале се' повеќе мигранти. „Шведска има либерална политика на доселување“, вели Мелер за ДВ.

Швеѓаните се повлекуваат од предградието, а мигрантите остануваат. Ако се зголеми бројот на невработени, тогаш и немирите во населбите во кои пристапот до образование и пазарот на труд е тежок, ќе бидат се поголеми. „Бројот на млади во Шведска кои се невработени изнесува околу 25 проценти, што е над европскиот просек“, вели Мелер.

Последната капка во чашата беше убиството на еден 69 годишен мигрант од страна на полицијата. Полицијата наведува дека тоа го сторила во самоодбрана.

Социологот Мартин Дивалд од универзитетот од Билефелд смета дека ситуацијата не би ескалирала да не се случило тоа. Таквите случаи често доведуваат до насилство. „Кај луѓето кои и онака сметаат дека се дискриминирани се зголемува аграсивноста кога ќе доживеат нешто што го сметаат за напад“, вели социологот Дивалд. Разни мигрантски групи во Шведска демантираат дека се почитувани и признати.

Неуспешна програма за интеграција

Полицијата наведува дека безредијата постепено ги става под контрола. „Инцидентите долгорочно би можеле да придонесат да се подобри ситуацијата во предградијата“, вели Етзолд. „Политичарите се изненадени од насилството бидејќи одамна ги запоставија проблемите во предградијата. Можеби оваа ситуација ќе допринесе до зголемување на свеста во смисол дека владата мора нешто да превземе“, вели Етзолд.

Програмата за интеграција, која е често сметана за добар пример, пропадна. Државата во иднина ќе мора повеќе да инвестира во образованието и во пазарот на труд. Дури тогаш Шведска ќе може да го врати добриот глас за земја која може да послужи како модел. Моментално тој е повеќе клише отколку реалност.