1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шведска ја прекинува истрагата против Асанж

Пред пет години Асанж побегна од шведското судство во еквадорската амбасада во Лондон. Причина беше налогот за негово апсење под обвинение за силување. Шведското обвинителство сега ја прекинува постапката.

Шведското државно обвинителство ја прекинува истрагата поведена поради обвинение за силување против основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, беше соопштено денеска во Стокхолм.

Асанж од 2012 година се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон, каде се засолни за да го избегне налогот за апсење поради силување од 2010 година. Австралијанецот стравуваше дека од Шведска ќе биде израчен во САД, каде му се заканува судски прогон поради разоткривањата на бризантни информации кое го изврши неговата интернет-платформа Викиликс.

Дали и кога Асанж би го окончал својот егзил по денешната одлука од Стокхолм, засега е нејасно.

Адвокатите на Асанж постојано инсистираа на укинување на налогот за апсење. По долги натегања, шведските обвинители пред половина година го сослушаа Асанж во амбасадата на Еквадор.

Großbritannien Botschaft von Ecuador in London (Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas)

Еквадорската амбасада во Лондон

Новинарот Џулијан Асанж е основач на истражувачката платформа Викиликс, која за своја задача си постави давање увид во неетичкиот однос на владите и претпријатијата. Критичарите пак го обвинуваат 45-годишниот Австралијанец дека е самобендисан актер, кој со објавувањето на деликатни информации на коцка го става дури и животот на други луѓе. Платформата стана позната меѓу другото по објавувањето на тајни американски документи од војните во Авганистан и од Ирак. Еден од најважните извори тогаш беше американската „свиркачка“ Челси Менинг.

Асанж во минатото постојано истакнуваше дека стравува израчување од Шведска во САД, поради што остана засолнет во еквадорската амбасада во Лондон.
Од друга страна, британската полиција соопшти дека и натаму е обврзана да го уапси Асанж доколку тој одлучи да ја напушти амбасадата на Еквадор. Налогот за апсење на Асанж е издаден уште во 2012, а причината е неговото непочитување на судската одлука за кауција со која доби можност да се брани од слобода. 

 

DW.COM