1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Швајцарците се за ограничување на доселувањето

Швајцарските граѓани денеска (9.02) на референдум се изјаснија за ограничување на доселувањето. Неофицијалните резултатите покажуваат дека разликата во гласови меѓу опциите„за“ и „против“ е многу тесна!

Институтот за истражување на јавното мислење ГфС попладнево соопшти дека 50,3 проценти од избирачите во Швајцарија се изјасниле за проектот „Против масовно дослеување“. Тоа значи дека Швајцарија би морала да воведе квоти за доселување и наново да преговара за договорите што ги има склучено со ЕУ.

За резултатите да бидат официјални, потребно е во мнозинството кантони во Швајцарија, мнозинството граѓани да се изјасниле „за“ иницијативата за ограничување на доселувањето. Првиот услов беше исполнет уште рано попладнето - резултатите покажаа дека мнозинството кантони гласале „за“. Гласовите на избирачите, меѓутоа, во двата најголеми кантони, Берн и Цирих, се‘ уште не беа избројани до крај.

Од стапувањето во сила на Договорот за слободно движење на лица склучен со ЕУ, секоја година во Швајцарија се доселуваа по околу 80.000 лица, или десет пати повеќе од она што го прогнозираше владата во Берн пред да го склучи Договорот во 1999 година. Швајцарија не е членка на ЕУ, но најголемиот дел од нејзиниот извоз, околу 60% , оди во земјите на Унијата.