1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Швајцарците не изгласаа ограничување на менаџерските плати

Платите на менаџерите во Швајцарија и во иднина нема да бидат ограничени, околу 66 проценти од граѓаните, според досегашните информации, на референдумот ја одбиле иницијативата „1:12 - за праведни плати“.

Предлогот на подмладокот на швајцарските социјалдемократи не поминал во мнозинството кантони. Нивната идеја беше менаџерите во едно претпријатие да можат да заработат максимално 12 пати повеќе од најслабо платените вработени. Критичарите предупредија - оваа мерка може да и‘ наштети на земјата и да ги натера големите фирми да се преселат во странство.

„Ова е важна одлука за Швајцарија и нејзината економија. Народот јасно се произнесе - не е задача на државата да ги одредува платите“, изјави Валентин Фогт од сојузот на стопанствениците.

Приврзениците на иницијативата пак во неа сепак гледаат силен сигнал против „надуените“ плати.

„Денес никој повеќе во швајцарската политика не се осмелува да каже дека распонот на платите во милионски суми е оправдан“, изјави шефот на младите социјалдемократи, Давид Рот за новинската агенција Ројтерс.

Според проценките на синдикатите, шефовите на швајцарските концерни заработуваат до 260 пати повисоки плати од обичните вработени. Ваквите бројки го потпалуваат гневот кај народот и им донесоа симпатии на младите социјалдемократи кај гласачите и покрај почетниот потсмев. Но, мнозинството граѓани е уверено во можната штетност на лимитот на платите за менаџерите за економијата во земјата.

Нема да има поскапи патарини

Користењето на автопатиштата во Швајцарија нема да биде поскапо. Околу 60 проценти од гласачите го отфрлија планот на владата според кој годишните „вињети“ би чинеле 100 франци, односно 81 евро, додека досега беа 40 франци.

Владата го образложи зголемувањето на патарините со аргументот дека со тие пари ќе ги подобри автопатите и магистралните сообраќајници. Владата планира да го зголеми данокот на бензин како алтернатива за зголемувањето на цената на патарините.