1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Швајцарскиот туризам во криза

Иако стопанскиот пораст во Швајцарија е под еден процент, повеќето Швајцарци се чини не ги погодува кризата во Европа. Скијачките терени меѓутоа бележат слаба посетеност - европските туристи стравуваат од силниот франк.

„Ова е парадокс“, вели Дитер Богнер од Жичарници Енгадин Ст. Мориц: „Со 350 километри скијачки патеки и преку 50 жичарници ги имаме најдобрите скијачки услови, но гостите ни бегаат“. Богнер и другите сметаат дека e виновна еврокризата. Имено, откако швајцарскиот франк стана појак, скијачките области се уште поскапи. Ниту една стопанска гранка во Швајцарија не е толку погодена од кризата во Европа колку туризмот. Дури и места како Сент Мориц јавуваат драстично намалување на посетителите. Некои места од 2008 година загубија една третина гости. Загрижена е и трговијата, оти се вели дека од секој туристички франк две третини завршуваат во продажбата.

Schweiz Krise des Tourismus

Центарот на Сент Мориц

Токму гостите од Европа во моментов порадо одат во Австрија или во поповолните региони во Источна Европа. Во Енгадин во последните години се инвестирани 60 милиони франци во модернизација на жичарниците, планирана е изградба на натамошни патеки. „Планираме некои нови проекти, но тоа може да го спроведеме кога бројот на гостите повторно ќе биде стабилен“, вели Богнер.

Специјална понуда

Дека кризата во Европа се одразува врз скијачките падини во моментов се гледа по големиот број специјални понуди. Жичарниците во Енгадин и преку 100 хотели во регионот, меѓу нив и Феријалниот дом во Сент Мориц, на гостите на хотелите им нудат поволни скијачки билети, кои чинат само една третина од досегашната цена. Наместо 73, хотелските гости во моментов плаќаат 25 франци за дневен билет, што е речиси на ниво како и во Источна Европа. Со тоа треба да се привлече пред се’ помладата публика и семејствата.

Schweiz Krise des Tourismus

Михаел Вагнер

Ваквите понуди се неопходни, оти хотелиерите и гастрономијата во Швајцарија се помалку флексибилни. „Имаме превисоки фиксни трошоци за персоналот, за состојбата да може да ја регулираме со цената, затоа се обидуваме да понудиме повисок квалитет“, вели Михаел Вагнер, кој во Хотелот Росач во Понтресина вработува 60 работници. Пред да избие банкарската криза тој работеше како инвестмент банкар во Франкфурт на Мајна. Потоа се врати во неговото родно место и инвестираше во хотел. Неговите работници, како и насекаде во регионот доаѓаат претежно од Португалија, Грција и Источна Европа. „Законски утврдената најниска плата изнесува 3.500 швајцарски франци бруто месечно, но со поголемо искуство и квалификации се качува и платата“, појаснува овој хотелиер.

Италија бара пари

Високиот курс на франкот е главниот проблем за туристичката бранша. Во Енгадин, што се граничи со Италија, има и други примери, како ситуацијата во Европа се одразува врз бројот на гостите. „Многу Италијанци во моментов не доаѓаат оти стравуваат од даночна инспекција“, се пишуваше во швајцарскиот печат изминатата есен.

Според нив, италијанската „Guardia di Finanza“ на границата ги запишувала италијанските регистарски броеви на големите автомобили и имињата на портите во Сент Мориц и околината за потоа да ги провери, колкав приход тие оданочувале во својата земја. Тоа дека италијанската даночна управа во моментов ги користела сите можни средства, внесе несигурност кај некои Италијанци, кои со години ги минуваат слободните денови во Швајцарија, се објаснува преку печатот причината за тоа зошто гостите изостануваат.

Нови пазари

Schweiz Krise des Tourismus

Кризата со еврото се одразува и врз швајцарските скијачки терени

Како остров среде европросторот швајцарските скијачки области бараат излез од кризата. Тие се надеваат дека со нови идеи ќе ги зачуваат постојаните гости и дека ќе придобијат нови. Пред години руските гости беа тие кои донесоа многу пари во хотелите. Но, во меѓувреме, велат мештаните во Сент Мориц, „златните години“ се минато. Можеби и затоа туристичките места се обидуваат да ги освојат далечните пазари. Во последните години расте бројот на гостите од САД, Бразил или Кина, делумно и за 30 проценти.

Кон ова се надополнува и една нова иницијатива на регионот Енгадин. Таа се нарекува „Офанзива за срдечност“ и нуди бесплатни курсеви за да го обучува персоналот на љубезност. Во Енгадин се надеваат дека со сите инструменти ќе може да се сопре кризата во туризмот. „Токму поради тоа сакаме да се ангажираме и за планираната кандидатура за Олимпијада“, вели Дитер Богнер и дополнува: „Таа добро ќе се одрази врз целиот туризам во Швајцарија“. Дали Сент Мориц ќе се кандидира за домаќин на ЗОИ 2022 година, Швајцарците наскоро ќе одлучат.