1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Швајцарија ќе гласа за ограничување на платите на менаџерите

В недела на 24 ноември, Швајцарците ќе излезат на референдум на кој ќе одлучуваат за предлогот „Иницијатива 1:12“, со кој би се поставил лимит на платите во компаниите.

Доколку референдумот биде успешен, месечните плати на водечките директори на некоја компанија не би смееле да бидат повисоки од годишната плата на најниско платените работници.

Иницијативата 1:12 е покрената од Швајцарските млади социјалдемократи. Собирањето на 100 илјади потписи потребни за референдумот започнало уште есента 2009 година, а „Иницијативата 1:12“ успешно била регистрирана во април 2011 година. Земајќи во предвид дека парламентот и сојузната влада предложиле иницијативата да се одбие, расправата по овој предлог започнала дури по две години.

„По Втората светска војна растот на платите и на богатството течеше, помалку или повеќе, паралелно“, вели претседателот на подмладокот на швајцарските социјалдемократи Давид Рот. „Во последните десет години еден мал дел од општеството го презеде поголемиот дел од колачот, а мнозинството има помалку во џебот“.

Во периодот од 2000 до 2010 година, платите на лицата со високи примања доживеале раст од 19 проценти, а тој раст не бил намален ниту од економската криза во 2008 година, и ќе продолжи и оваа година.

Во 2010. година, 10-те проценти од работната сила со најмали плати заработувале малку под 4 илјади швајцарски франци месечно. Според тоа, доколку референдумот успее, платите на оние кои најмногу заработуваат ќе се ограничат на 576 илјади франци годишно.

Тоа би довело до драматично кратење на платите на врвните директори во водечките швајцарски фирми, кои во просек во 2012. заработувале 6,7 милиони франци.

Референдумот се соочува со жесток отпор од швајцарската влада и големиот бизнис кои тврдат дека неговиот успех би ја нарушил конкурентноста, би ги избркал големите компании и би придонел кон намалување на работните места и намалување на приходите од социјалните давачки, а би ги зголемил и даноците. Противниците организираа голема кампања во рамките на која на големи билборди низ целата земја, на црна позадина е испишана пораката „Не за платежниот диктат“.

Поддржувачите, од друга страна, не можат финансиски да се носат со владата и големите фирми, па на ваквата кампања парираат со истакнување црвени знамиња со знакот на 1:12 од своите балкони и прозорци.

Владината кампања, сепак, по сѐ изгледа досега носи резултати, па според последните анкети 36 отсто од испитаниците го поддржуваат референдумот, 54 проценти се против, додека 10 отсто се уште се неодлучни.