1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Швајцарија сака да апси германски даночни иследници

Спорот на Германија со Швајцарија е долгогодишен: Германци префрлуваат големи пари во тамошни банки за да избегнат плаќање данок. Кога беше на повидок решение, спорот доживеа неочекувана ескалација.

Вжештени дебати во летото 2010. година предизвика рацијата извршена од германски даночни иследници во филијалите на швајцарската банка „Креди Суис“ во Германија. Банката беше осомничена за укажување помош во затајување данок. Претходно покраината Северна Рајна Вестфалија купи ЦД, понудено од инсајдери од таа банка, со податоци за богати луѓе од Германија осомничени за даночна измама - дека вложиле пари во швајцарски банки, непријавени кај германските фискални власти, за да не платат данок за нив.

Спогодбата би и’ донела милијарди на Германија

Кршење на даночното и казнено право во Германија е предмет на прогон, додека швајцарските власти опстојуваат на банкарската тајна. Се проценува дека 130 до 190 милијарди евра - никој не знае колку точно - се вложени во алпската држава, со кршење на германското право. Двете земји сакаат да го решат проблемот со спогодба, која е речиси зрела за потпис. Спогодбата, ако таа стапи во сила на почетокот од наредната година како што е планирано, треба да обезбеди парите вложени „на црно“ ретроактивно да бидат оданочени со стапка од 19 до 34 проценти. Тоа практично би дошло како некој вид амнестија. Во иднина, пак, добивката од капиталот би била оданочувана со стапка од 26 проценти. Спогодбата мора да биде одобрена од Бундестагот и Бундесратот.

Односите со Швајцарија „не се загрозени“

Но, планот е сериозно загрозен откако на изминатиот викенд се дозна дека швајцарското правосудство издало налог за апсење на тројца даночни иследници од Северна Рајна Вестфалија, под сомнение за кршење на банкарската тајна и укажување помош во стопанска шпионажа. Во врска со ова, Швајцарците во март годинава побарале правна помош од германските правосудни власти.

Германскиот канцелар Ангела Меркел, според владиниот портпарол Штефан Зајберт, смета дека повторно распламтениот спор не ги загрозува односите со Швајцарија. Но, владата останува на ставот дека затајувањето данок мора и во иднина да биде кривично гонето; дали во тоа спаѓа и купување ЦД-а со податоци за лица осомничени за затајување данок, понудени од инсајдери, портпаролот не објасни. Норберт Валтер-Борјанс (СПД), покраински министер за финансии на Северна Рајна Вестфалија, потврди дека има намера да продолжи со таа практика.

Опозиционите партии се бунат

Политичките партии во Германија различно го оценуваат даночниот спор со Швајцарија. Социјалдемократите и Зелените нема да поддржат на сојузно ниво никаква спогодба, за која ќе оценат дека ги поштедува затајувачите на данок. Спогодбата не може да стапи во сила без подршка во Бундесратот (претставништвото на сојузните покраини) од покраините во кои се на власт социјалдемократите. Јирген Тритин, шеф на фракцијаста на Зелените во Бундестагот, смета дека е „скандалозно што Швајцарија ги криминализира даночните иследници“ од Германија. Од СПД дури иницираа засегнатите иследници да добијат високо германско одликување, а од Сојузната влада бараат да ги штити и да преземе мерки против швајцарските налози за апсење. За Херман Грее, генерален секретар на демохристијаните (ЦДУ) тоа е „лицемерие“, оти без спогодбата Германија би загубила милијарди од предвиденото оданочување. „Со тоа СПД ги штити даночните грешници“, вели тој.

Во Северна Рајна Вестфалија ќе се одржат избори на 13. мај. Според анкетите, црвено-зелената коалиција е во предност. Нејзина победа во влијателната покраина, во која живее една петина од 82 милиона жители на Германија, би го попречила решението за даночниот спор на начин за кој се залага Сојузната влада.