1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Швајцарија знаела за Холокаустот уште во 1942. година

Новооткриени документи покажуваат дека швајцарските власти уште во 1942 година знаеле дека нацистите вршат терор врз Евреите, но и покрај тоа еврејските бегалци биле бркани од Швајцарија

Швајцарските власти знаеле уште во мај 1942 година дека се врши систематско убивање на Евреите во нацистичките логори на смртта, но и покрај тоа се одлучиле на уште поригорозна политика против азилантите, јави швајцарската телевизија.

„Документите докажуваат дека уште во мај 1942 година во Берн знаеле за убивањето на Евреите“, изјави Саша Зала, шеф на проектот со кој се истражуваат швајцарските дипломатски документи.

Швајцарските дипломати собрале стотици писма, телеграми, фотографии и детални извештаи за време на Втората светска војна кои ги докажувале злосторствата на нацистите и истите им ги предале на надлежните органи во Берн.

Сега за првпат се објавуваат документи кои докажуваат дека швајцарските власти знаеле за злосторствата за време на војната. Но, и покрај извештаите кои ги добивала, швајцарската влада во август 1942 година донела одлука да организира масовна депортација на цивилни бегалци во нивните матични држави.

Извештајот беше обелоденет во неделата на денот кога се одбележува сеќавањето на жртвите на Холокаустот.

Овој извештај фрла дополнителна светлина и врз извештајот кој беше објавен во 2002 година, а според кој швајцарските власти исфрлиле илјадници луѓе, мнозинството од нив Евреи, кои бегале од нацистичкиот прогон, со што ги испратиле во сигурна смрт.

Соочување со минатото

Според швајцарскиот историчар Ханс Улрих Јост, и покрај фактите, во Швајцарија постои „отпор да се прифати она што се случувало за време на војната“.

Швајцарскиот претседател Ули Маурер, на пример, го одбележа Денот на жртвите на Холокаустот со пофалби за улогата на неутралната Швајцарија за време на Втората светска војна, означувајќи ја како „прибежиште“ за оние кои бегале во тој „мрачен период за европскиот континент“.

Неколку еврејски организации го критикуваа претседателот поради тоа што не ги споменал „бегалците кои биле испратени во сигурна смрт“.

„Жално е што претседателот на конфедерацијата не најде за сходно да ја прошири швајцарската самокритика за сопственото минато, особено политиката кон бегалците“, соопштија еврејските организации.