1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Швајцарец кој со години се бори против измамите

Швајцарците денеска се изјаснија на референдум за ограничување на премиите и бонуси на менаџерите на компаниите. Има ли шанса граѓанска иницијатива да предизвика промени во општеството? Томас Миндер е убеден во тоа.

Нов Вилхелм Тел или човек опседнат со одмазда? Мислењата за Томас Миндер се разијдуваат. Тој со месеци, по шеснаесет часа на ден, се обидува со безброј говори, дискусии, интервјуа, да привлече приврзаници за својата граѓанска иницијатива. Овој 49-годишен претприемач ја води битката на својот живот.

„Расправите на собирите на делегати, во медиумите, во блоговите, во акциите, на улица, се огромни. Вистинско задоволство е да се има систем на директна демократија, како нашиот во Швајцарија, и тоа може како индивидуа да се искористи“, вели Миндер кој е пратеник и основач на „Анти-измамничка иницијатива“.

Се‘ почна со банкротот на Свис Ер во 2001 година. За Швајцарците тоа беше национална траума. Последниот шеф на Свис Ер, Марио Корти, сепак си ја доби последната исплата од речиси десет милиони евра.

Schweiz Flugzeug von Swiss Air im Landeauflug auf Genf

Свис Ер банкротираше, а шефот на компанијата си доби исплата од 10 милиони евра

Со тоа Миндер до денес не може да се помири - уште повеќе што неговата фирма за вода за плакнење и дезинфекција на устата добила голем налог од Свис Ер, кој по банкротот не можел да си ја плати сметката.

„Од пишувач на писма до весниците станав политичар, или слично на политичар. Си реков - сега мора самиот да ја земеш работата в раце“, вели Миндер.

Цел на неговата иницијатива е да им се стави крај на ексцесите со платите за шефовите во Швајцарија. Треба да се забранат пари за добредојде, како четирите милиони евра за шефот на УБС, Вебер, или за разделба, како 13-те милиони за Лукас Милеман, шеф на Креди Суис. Акционерите во иднина треба секоја година да ги одобруваат милионските плати на менаџерите. Кој ќе се служи со трикови, му се заканува затвор.

„Не ги сакам тие ексцеси. Кога станува збор за недомаќински менаџмент, за ексцес, секогаш е исто: во игра се милионски плати, честопати милионски обесштетувања и илјадници отпуштени работници“, констатира Миндер.

Symbolbild Schweiz Deutschland Steuerabkommen

Иницијативата на Миндер има буџет од само 300.000 евра

Валентин Фогт крајно се труди да не изгледа како лаком менаџер. Шефот на фирма за производство на машини од Винтертур заработува смешни 100.000 евра годишно. Тој може опуштено да гледа на иницијативата на Миндер, но како претседател на работодавачите се спротивставува со сета сила.

„Се бориме со силниот швајцарски франк, земјата е релативно скапа за бизнис и би бил голем минус кога одеднаш би имале и најостри акционерски закони на светот“, вели Фогт.

Иницијативата на Миндер ги засега не само менаџерите, туку сите вработени. Таа е пребирократска, корсет за швајцарските фирми кој ги загрозува работните места - со вакви рекламни спотови, но и со илјадници плакати се предупредува од пропаст на Швајцарија. Студенти дури биле плаќани да ставаат критички коментари против Миндер на интернет. Сето тоа ги чини стопанските здруженија над шест милони евра.

Schweiz Abstimmung im Kanton Appenzell

Умерените Швајцарци се разбеснуваат на теми како измамите

„Не ги купуваме гласовите, народот не може да се купи, тоа се гледа и од минатото. Нужен е голем ангажман за ваква информативна работа“, објаснува Фогт.

Мини-тимот на Миндер, наспроти тоа, се состои од него и од човекот од доверба Клаудио Кустер. Тој е секретар, портпарол и водач на кампањата. Буџетот изнесува скромни 300.000 евра. И сепак, или токму затоа, нивните аргументи имаат подобар одзив кај Швајцарците. Неопходните потписи беа собрани бргу. Кај оваа тема, инаку умерените Швајцарци, се разбеснуваат:

„Многу сум лута поради тоа што си прават што сакаат“, вели една жена, а друга оценува: „Не е во ред што ние имаме се‘ помалку, а оној горе го собира медот.“

Трета нивна сонародничка е убедена: „Се‘ поскапува, платите на обичните работници не се зголемуваат и треба да се повлече кочница.“

Претседателот на работодавачите Фогт има моќни сојузници: големите партии, владата, па дури и синдикатите се во фронт против Миндер. Парламентот ја „влечкаше“ неговата иницијатива шест години, а потоа претстави ублажен противпредлог. Но Миндер отсекогаш верувал во својот успех:

„Тоа би бил најдобар извозен производ. Швајцарија би била како рекламата за бонбоните Рикола, каде што се вели: Кој ги измисли? Швајцарците!“

Одамна немало толку жестоката битка за наклонетоста на народот. Се‘ уште изгледа како Миндер да има тесно мнозинство. Но тој во секој случај веќе е победник, зашто барем дел од неговите барања ќе бидат спроведени на овој или оној начин. А имиџот на Вилхелм Тел толку бргу никој нема да може да му го земе.