1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шацимаркакис: Решение за името или дестабилизација

Германскиот европратеник Шацимаркакис останува на ставот дека од македонскиот премиер Груевски слушнал конкретен предлог за решавање на спорот за името. Тој проценува дека двете земји се многу блиску до решение на спорот

default

„И Груевски и Папандреу имаат многу конкретни предлози“, тврди Шацимаркакис

Македонскиот премиер Никола Груевски има предлог за решавање на спорот за името, потврди уште еднаш во разговор за Дојче Веле во Брисел, германскиот пратеник Јорго Шацимаркакис и претседател на мешовитиот комитет ЕУ-Македонија. Шацимаркакис сепак остава на Груевски да го соопшти предлогот пред македонската јавност.

„Можам да ви кажам дека премиерот има конкретен предлог. Но не е на мене да го соопштувам туку тоа е негова обврска. Јас сум многу среќен што тој конечно се одлучи и предложи нови идеи, но на него е да ја информира својата јавност и својата земја за своите идеи. Јас сум среќен што Нимиц дојде во Европа без предлог. Ако дојдеше со предлог тоа ќе беше проблем за двете страни. Со оваа празна кутија, на главните преговарачи, Никола Груевски и Јоргос Папандреу останува да преговараат и можам да ве уверам дека двајцата имаат многу конкретни предлози. Мој впечаток е дека можат да најдат заеднички јазик“.

Двете земји се се’ поблиску до решение, е впечатокот на Шацимаркакис по враќањето од Скопје и по контактите со грчките власти. За него е неопходно да се пронајде решение до јуни годинава, во спротивно, според него, постои реален ризик за дестабилизација на земјата.

Тој во интервјуто се повикува на информацијата објавена вчера, дека од стапувањето во сила на визната либерализација е зголемен бројот на емигранти од Македонија кои бараат азил во Белгија. За него е јасно дека народот во Македонија е незадоволен од условите.

автор: Тања Милевска/ЗЈ

редактор: Борис Георгиевски