1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шацимаркакис проговори на македонски

Европарламентарецот Јорго Шацимаркакис на денешната прес-конференција проговори на македонски јазик- се‘ уште верува во брз прием на Македонија во ЕУ, зашто таа бележи напредок на сите полиња.

default

Јорго Шацимаркакис

„Драго ми е што сум овде и што можам да кажам неколку зборa на македонски. Се‘ уште верувам во брз прием на вашата земја во ЕУ и имам само една цел да и помогнам на вашата земја да се вклучи во ЕУ“, рече европратеникот Јорго Шацимаркакис на денешната прес-конференција во македонското собрание, зборувајќи на македонски јазик.

Германскиот европарламентарец со грчко потекло, кој е копретседавач на Мешовитиот парламeнтaрeн комитет Македонија - ЕУ, посочи дека земјава бележи напредок на сите полиња, некаде повеќе, а некаде помалку, што е нотирано и во извештајот на Европската комисија.

Шацимаркакис кажа дека на Европската комисија ќе и‘ ја пренесе резолуцијата на Собранието на Македонија во која најостро се протестира поради неупотребата на придавката „македонски“ во последните три извештаи на Комисијата и оти се надева дека тоа ќе биде исправено во следниот извештај.

Прашан дали ќе има последици неговото обраќање на македонски јазик во Грција, тој рече дека не се плаши од тоа бидејќи многу луѓе во Грција зборуваат македонски и немаат никакви проблеми, многу повеќе им е страв од реакцијата во Бугарија.

Препорака-датум за почеток на преговори

Richard Howitt

Ричард Ховит

Со усвојување на завршните препораки, денеска беше заокружен дводневниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет на Република Македонија и ЕУ.

Оваа година Република Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и тие да започнат што е можно поскоро. Билатералните проблеми не треба да ги држат во заложништво македонските интеграциски процеси. Ова го порачаа во излагањата на вчерашната расправа македонскиот вицепремиер за европски прашања Теута Арифи, шефот на дипломатијата Никола Попоски, копретседавачот Ќенан Хасипи и Андреј Петров, пратеник од СДСМ.

Вицепремиерот Арифи потенцирајќи дека добивањето датум за почеток на преговори за членство е стратешки приоритет за Македонија, а веќе трета година по ред постои препорака, подвлече дека тие не започнуваат поради политичкиот контекст со јужниот сосед.

„Оваа година треба да добиеме датум за започнување на преговорите, со цел да се зајакне динамиката во внатрешните реформите, а граѓаните да не изгубат доверба во ЕУ, која ги споделува вредностите на рамноправност“, рече Арифи.

Министерот Попоски смета дека со одлуката за добивање датум за преговори ќе се добие значаен поттик за продолжување на преговорите, а Грција ќе има практична можност да ја покаже досега декларираната посветеност за процесот на пристапување на сите земји од регионот во ЕУ и да демонстрира конструктивност во момент кога европската конструкција трпи сериозни притисоци, особено како последица на должничката криза.

За Ричард Хауит, известител за Македонија во Европскиот парламент, прашањето за името не е негова работа и, како што рече, не може да го реши. Но, смета дека има обврска, како и сите негови европски колеги, да извршат притисок за да се постигне решение.

„Разбирам дека понекогаш чувствувате оти овој притисок е едностран и е фокусиран само на вас. Притисокот што го вршиме за решение е притисок врз двете страни и врз Скопје и врз Атина“, изјави Хауит, посочувајќи оти решението се‘ уште е можно да се најде, иако има и поинакви мислења.

„Кога ќе дојдете до такво решение, верувам дека ќе ви помогнеме да се постигнат позитивни резултати на референдумот по тоа прашање“.

Хауит уверува дека ЕУ не сака да ги забави европските перспективи на Македонија и земјите од регионот. Според него, економијата е најсилниот аргумент за приклучувањето на Македонија во ЕУ, а реформите во пазарната економија и извештаите на Светската банка меѓу другото претставуваат сериозни аргументи за приклучување во ЕУ.

Забелешки за изоставањето на терминот „македонски јазик“ во извештајот на ЕУ

На состанокот беа упатени и забелешки во однос на изоставувањето на македонскиот јазик во извештајот на ЕК за напредокот на земјата. Пратеникот Петров изрази надеж дека тој проблем ќе бидат надминат. Ако тоа е форма на притисок, потенцира, тогаш е погрешно, бидејќи навлегува длабоко кај идентитетот на македонскиот народ.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

Јорго Шацимаркакис, копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и ЕУ со признание дека е неприфатливо изоставувањето на македонскиот јазик.

„Разговараме како може да се изнајде добро решение бидејќи видовме дека со тоа се предизвика реакција овде и не сакаме имиџот на ЕУ да биде нарушен“, рече тој, додавајќи оти нема да го ризикуваат високиот процент од 90 отсто од граѓаните кои имаат високо мислење за ЕУ, што е многу повеќе дури и од многу други земји-членки на ЕУ.

Признание за работата на Владата

Роберт Лидел, в.д. шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, нагласи дека повторната препорака за почеток на преговори е признание за работата на Владата. Според него, клучно е Собранието да има активна улога во процесот на евроинтеграциите на земјата. Лидел меѓу другото со препорака дека е потребно дополнително зајакнување на дијалогот и капацитетот во и на Собранието, делотворна примена на реформите во судството и администрацијата.Во економскиот дел, потенцира,земјата добро напредува и се доближува кон функционално пазарно стопанство, а има напредок и во справувањето со невработеноста, иако странските инвестиции се уште не се доволни. Тој подвлече дека ЕУ ќе помогне во процесот преку дијалог и наменска финансиска соработка и потсети дека од 2007 до 2011 година ЕУ преку ИПА фондовитеима дадено 380 милиони евра, апоследнаат за 2011 транша беше 98 милиони евра.

Автор: ЖА/БГ/миа

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM