1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шацимаркакис за ДВ: Конзистентен модел на напади

Европратеникот Јорго Шацимаркакис за ДВ ги потврдува наводите дека бил цел на закани на претставници на ВМРО-ДПМНЕ. Не сака да именува никого, но вели дека дел од случувањата не се примерни за земја која сака во ЕУ.

default

Јорго Шацимаркакис

„За жал гледам конзистентен модел на напади врз опозициските политичари, врз медиумите и врз претставници на ЕУ. И доколку премиерот не е моќен да го заштити амбасадорот Фуере, иако тоа беше побарано од него, тоа значи дека и тој е дел од тој модел. Ако ова продолжи, и притоа сакам да ги споменам и константните напади на Владата врз опозицијата, тоа е нешто многу ново за мене, и тоа е нешто што не може да се најде во европските демократии“, вели Шацимаркакис за Дојче веле.

На прашањето дали последните случувања се можеби сигнал за тоа дека Владата во Скопје го губи интересот за европските интеграции, Шацимаркакис одговара:

„Не сум толку сигурен во тоа. Сигурен сум дека инцидентот со А1 е сериозен. Разговарав директно со министерот Милошоски. Одлучив да не давам јавна изјава за тоа бидејќи тој вети дека ќе ми даде дополнително објаснување. Тука во Брисел беше и вицепремиерот Васко Наумовски, но за жал ни тој не даде никакво посебно објаснување за случајот. Затоа јас навистина се сомневам дали инцидентот во А1 може да се гледа само како случај на даночно затајување и перење пари. Особено што сега гледам дека Министерството за внатрешни работи започнало кампања на нивната интернет страница против А1 со која бараат од граѓаните да ја напаѓаат А1. Ова е нечуено во земја членка на Унијата или во земја кандидат, една влада да бара од граѓаните да напаѓаат медиум. Ова е нечуено! Министрите Милошоски и Наумовски, но и министерката Јанкулоска имаат одговорност за ова што го прават и навистина треба да размислат што прават. Не го сметам ова за пресвртна точка, се‘ уште се надевам и имаме време до 15 декември кога се одржува советот на ЕУ, но овие инциденти, а не е само еден инцидент, се многу тешки и се надевам дека владата знае што прави.“

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска