1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шацимаркакис: Груевски има конкретен предлог за името

Германскиот пратеник и претседател на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-РМ, Јорго Шацимаркакис, за ДВ ја потврдува информацијата, објавена по состанокот на македонскиот премиер Никола Груевски со европарламентарците.

default

Јорго Шацимаркакис

“Можам да ви кажам дека премиерот има конкретен предлог. Но не е на мене да го соопштувам, туку тоа е негова обврска. Јас сум многу среќен што тој конечно се одлучи и предложи нови идеи, но на него е да ја информира својата јавност и својата земја за своите идеи. Јас сум среќен што Нимиц дојде во Европа без предлог. Ако дојдеше со предлог тоа ќе беше проблем за двете страни. Со оваа празна кутија, на главните преговарачи, Никола Груевски и Јоргос Папандреу останува да преговараат и можам да ве уверам дека двајцата имаат многу конкретни предлози. Мој впечаток е дека можат да најдат заеднички јазик“.

Главни прашања-името и неговата употреба

Шацимаркакис е уверен дека од двете страни има обновени заложби и нов дух.

Според него, премиерите на двете држави се подготвуваат да му стават крај на спорот, а идентитетските прашања да ги решаваат надвор од преговарачкиот пакет.

“Главните прашања се името и неговата употреба. Прашањето за идентитетот се појави подоцна. Двете страни се обвинуваат меѓусебно за тоа кој ја отвори оваа тема. Мене тоа не ме интересира, туку ме интересира како да се реши надвор од пакетот. Тоа е најважно. Прашањето како да се нарекуваат јазикот и за народот се поставува, но тоа не е толку важно колку другите прашања од пакетот. Треба сега интелектуално да се пронајде интелигентен начин да се реши ова прашање преку друга процедура. Мој впечаток е дека двете страни се на праг на изнаоѓање начин да се реши прашањето надвор од пакетот.“

Идејата за фазно решавање на спорот не е добра

Шацимаркакис воедно предупредува дека треба да се напушти идејата за можно фазно решавање на спорот, и отворање преговори со ЕУ без претходно финално решение.

“Заборавете на тоа, заборавете. Што и да велат дипломатите, ова е убава идеја, но можам да ви потврдам дека тоа е невозможно. Мора да има консензус кај 27-те земји. А повеќе од еден партнер во ЕУ се спротиставуваат на идејата да се започнат преговорите без да се реши проблемот. Другиот партнер е Бугарија, која почнува да ја отфрла ситуацијата како таква.“

Mazedonien EU-Parlamentarier Skopje

Од посетата на група европарламентарци на Македонија

ЕУ во улога на „олеснувач“

Шацимаркакис истакнува дека Европската унија, иако не може да биде посредник во овие преговори, но де факто веќе го олеснува процесот, особено новиот комесар за проширување Штефан Филе. Шацимаркакис на крај предупредува дека ризик од дестабилизација постои.

“Можевме да видиме дека има барања за азил, најчесто од страна на етничките Албанци и тоа токму во Белгија, седиштето на ЕУ. Видоме дека само во февруари околу 380 луѓе побарале азил во Белгија, севкупниот број за минатата година беше 201, тоа е зголемување за 50%, шт значи дека луѓето не се сигурни дека можат да имаат доверба во процесот, сакаат да ја напуштат државата, затоа што не се чувствуваат добро. Ова е опасно. Тоа што евроамабасадорот Ерван Фуере го кажа за стабилноста е стопроцентно точно. Ако сакаме да го стабилизираме регионот и земјата, мораме да најдеме решение сега.“

По враќањето од Скопје и средбите со македонскиот премиер Груевски, сите европски политичари, од сите европски институции покажуваат голем ентузијазам во однос на грчко-македонскиот спор и речиси сите се уверени дека решението за спорот со името ќе се случи оваа година, а со тоа автоматски ќе започнат и преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM