1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шатл дипломатија со мали изгледи за успех

Францускиот претседател, Никола Саркози, кој е претседавач со ЕУ, денеска (12.08.08) во Москва треба да разговара со рускиот претседател, Дмитри Медведев. По Москва, Саркози треба да замине за Тбилиси.

default

Францускиот претседател и претседавач со ЕУ Никола Саркози

Пропадна уште еден обид на Советот за безбедност на ОН за постигнување заеднички став околу судирот на Русија и Грузија.

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, соопшти дека неговата земја нема да гласа за резолуцијата на Советот за безбедност која повикува на прекин на огнот во конфликтот, базирана врз францускиот мировен план. Францускиот план предвидува - итен прекин на огнот, почитување на територијалниот интегритет на Грузија и враќање на состојбата пред грузиската интервенција во Јужна Осетија, на седми август. Според Чуркин, Русија не била консултирана кога бил составуван текстот на резолуцијата. Тој подвлече дека Русија има две барања - повлекување на Грузијците од Јужна Осетија и обврзување на Тбилиси дека нема да посегнува по сила во Јужна Осетија и Абхазија.

Различни погледи, различни барања

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Иванов, смета дека договорот на ЕУ за мир не е соодветен и дека договор за прекин на огнот Тбилиси треба да постигне директно со Јужна Осетија и Абхазија: „Треба да бидеме сигурни дека Грузија потпишува договор со Јужна Осетија и со Абхазија дека никогаш повеќе нема да употребува воена сила за надминување на политичките конфликти. Во тоа мора да бидеме сигурни.“

Американскиот претседател, Џорџ Буш, уште еднаш од Русија побара да ја заврши воената офанзива во Грузија. По враќањето од Кина, Буш рече: „Русија изврши инвазија на суверена соседна држава и и‘ се заканува на демократски избрана влада. Таков потег е неприфатлив во 21-от век.“

Рускиот премиер, Владимир Путин, пак на ваквите американски барања и тврдења одговара: „Студената војна е долго време завршена, но размислувањата од овие времиња некои американски дипломати сеуште не ги надминале. Тоа е за жалење, но ние и натаму работиме на развивање добри односи, вклучително и со Американците.“