1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шарм офанзивата на Обама не е уверлива за секого

Аферата за шпионирањето страна на американската разузнувачка служба НСА со месеци ги оптоварува односите на Берлин и Вашингтон. Сега Германија размислува судски да постапи против прислушкувањето.

Прислушкувањето на приватниот мобилен телефон на Ангела Меркел и масовниот надзор на германските граѓани би можеле да имаат и правни последици за Американците. Имено, според пишувањето на весниците „Шпигел“ и „Франкфуртер алгемајне Цајтунг“, германското државно обвинителство размислува да започне истрага за аферата НСА.
Додуша, сѐ уште точно не се знае против кого ќе се води истрагата ако воопшто до неа дојде. Според податоците на весникот „Франкфуртер алгемајне Цајтунг“ се работи само за поединци, а не и за држави, односно за американската влада. На пример, претрес на американската амбасада во Берлин и запленување на документите кои се чуваат таму не доаѓа предвид, пренесува весникот.

Stephan Bierling

Штефан Бирлинг, професор за меѓународни и трансатлантски односи на универзитетот во Регенсбург

Не се доволни зборови

„Секако, станува збор за одмерување на ситуацијата: колку штета ќе предизвика започнувањето на постапката против граѓаните на Америка или на институциите на таа држава“, вели Филип Мисфелдер, портпарол за надворешна политика од пратеничката група на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во Бундестагот. „Верувам дека тоа на американска страна би предизвикало огорченост. Од друга страна, ние сме правна држава и должни сме да ги почитуваме нашите принципи.“
Значи, односите кон Американците се и натаму затегнати. Што се однесува до долго очекуваниот говор на Обама на тема НСА, кој претседателот го одржа во петокот 17.1. германските политичари различно го оценуваат она што е кажано. На пример, Штефан Мајер од ЦСУ вели дека е тоа чекор во добра насока. Од друга страна, Јан Филип Албрехт, претставник на германската партија на Зелените во Европскиот парламент, смета оти се тоа убави приказни, без тежина. Имено, американскиот претседател вети независен механизам на контрола над НСА, но не и промени во спорните програми за шпионирање. Обама исто така повтори оти шефовите на пријателските држави не би требало да бидат прислушкувани.

Ексклузивно интервју како апче за смирување

Американскиот претседател на Германците им се обрати и директно во 15-минутно ексклузивно интервју за втората програма на германскиот јавен сервис. Во текот на разговорот со новинарот Клаус Клебер во Белата куќа, американскиот претседател ги нагласи „довербата и пријателството“ меѓу него и канцеларката Меркел, и изрази разбирање за грижите на Германците.
„Во прашање беше само обид да се смират Германците“, вели за ДВ Штефан Бирлинг, професор за трансатланстски одоси од Универзитетот во Регенсбург. Според мислењето на овој стручњак, претседателот имал намера да го истакне својот позитивен став, но не и новите факти за аферата НСА. „Тој се потпира на популарноста кој ја имаше некогаш во Германија. Но од харизмата на Обама и не остана многу погледнато од германска перспектива.“

И навистина, претседателот во интервјуто не кажа ништо ново, дури ни на директните прашања на германскиот новинар. Бирлинг вели дека Обама нема да ја промени својата политика само затоа што се вознемирени Германците, бидејќи Германија нема толку голема тежина за Америка како некои други земји: „Германија не е веќе толку важен партнер.“
Медиумскиот психолог Џо Гребел ова интервју го доживеа на поинаков начин. Тој смета оти ова обраќање е доказ дека Обама сериозно ги сфаќа Германците. „Германија е доволно важна за Обама директно да се обрати кон целата земја“, вели Гребел за ДВ. „Во спротивно, не би се потрудил да го даде тоа невообичаено и исклучително интервју.“



Гугуткање“ и провокации

Треба да се потсети дека и поранешниот американски претседател Џорџ Буш даде интервју за германската телевизија. Сабине Кристијансен од германскиот јавен сервис АРД отпатува за Вашингтон во 2006. година за да разговара со тогашниот претседател за војната во Ирак. Неа ја критикуваа за премногу пријателските настроени прашања- онлајн весникот „Штерн“ интервјуто го нарече „гугуткање“.
Спротивно на тоа, друг новинар од АРД- Јерг Шененборн- го интервјуираше рускиот претседател Владимир Путин почетокот на 2013. година. Меѓу останатото, во интервјуто стана збор за контролата на странски фондации во Русија. Путин јасно се изразуваше и навести колку малку му е грижа за новинарот со кој зборува. Во еден момент, претседателот го прекина Шененборн и го праша: „Како се викате? По одговорот на новинарот, Путин му кажа : „Добро Јерг, сега јас ќе ви го објаснам тоа....“
Ако ништо друго, претседателот Обама се однесуваше поубаво. Но тоа нема многу да помогне во односите меѓу двете земји ако Германците покренат истрагата за прислушкувањето од страна на НСА.