1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Шармот на вувузелите

Фудбалските натпревари во Јужноафриканската Република не можат да се замислат без вувузелите. Долгите труби прават одлична атмосфера на стадионите, но, не сите ја сакаат буката.

default

Фудбалски навивачи во Јужноафриканската Република со вувузели

Звукот малку наликува на слонови во љубовен занес или подивени бикови, барем за германските посетители. Сепак, фудбалските навивачи во Јужноафриканската Република не можат да си замислат меч без вувузели. Долгите, тенки труби едноставно не може да се изостават, кога се игра фудбал. Тоа го вели и Клинтон Кјури: „Сметам дека тие ја претставуваат нашата земја и покажуваат кои сме. Африканскиот фудбал е гласен, особено во Јужноафриканската Република. Спортот е гласен, а и ние сме гласни луѓе. Затоа вувузелите се типични за Јужноафриканската Република.“

Шарени вувузели

Der Südafrikaner Clinton Currie hat die Vuvuzela Branding Company gegründet

Клинтон Кјури е основач на „Вувузела Брендинг Компани“

Клинтон Кјури живее во Јоханесбург и е страствен фудбалски навивач. Секогаш кога има времев заедно со синот оди на фудбалскиот стадион, се разбира со вувузела во џебот. Кјури ја доби својата прва труба уште пред дванаесет години. Но, тогаш таа изгледаше малку здодевно и неспектакуларно. Затоа трговецот пред речиси една година ја основа компанијата „Вувузела Брендинг Компани“: „Поради тоа што вувузелите беа еднобојни и никој не лепеше ништо на нив, дојдов на идеја дека може да ставиме апликации.“

Така стартуваше оваа идеја. Клинтон Кјури е многу зафатен до почетокот на светското првенство. Со неговите вработени ќе стават апликации на околу еден милион вувузели. На повеќето труби ќе се најде јужноафриканското знаме. Потоа следуваат знамињата на САД, Холандија и Австралија. Сепак на ‘ртот на добра надеж веќе одамна не ја има само робустната пластична варијанта, која е најдобра за посетите на стадионите. Вувузелите можат да бидат и вистински уметнички дела, целите обвиткани со мали, светкави монистри или рачно насликани.

Уникатни примероци со монистри

Kapstadt

Во Кејптаун се продаваат уникатни вувузели

Особено убави примероци продава Тереза Грангер, која работи во продавница за сувенири на улицата Лонгстрит во Кејптаун: „Оваа е многу убава. Ги има боите црвена, бела, сина и жолта и навистина е шарена. На неа е напишано името на оној кој ја изработил. Овде стои Лети Моцавени.“

Тереза Грангер неделно продава по 20 примероци. Еднобојните пластични вувузели чинат околу шест евра. Но, за еден колекционерски примерок со монистри муштериите даваат дури и по 100 евра. Впечатокот на младата жена од Кејптаун е дека особено активни купувачи во моментов се Бразилците. Но, дали смеат да ги донесат нивните вувузели на стадион? Најпосле, изминативе месеци постојано се критикуваше дека трубите се премногу бучни и премногу им пречеа на клубовите од Европа. Од канцеларијата на ФИФА во Јоханесбург во меѓувреме изјавија дека вувузелите се дел од светското првенство и припаѓаат на стадионите. Тереза Гренгер исто така смета дека тоа е важно: „Не можеш да ги отстраниш, оти тие се дел од Јужноафриканската Република. Тие се јужноафриканскиот дел на ФИФА-Светското првенство. Вувузелите едноставно припаѓаат таму.“

Вувузелите се дел од јужноафриканската историја

Но, не само тоа. Тие се дел и од јужноафриканската историја. Нивното потекло не е сосема утврдено, но за рани претходници на денешните вувузели се сметаат куду-роговите. Со нив на пример се свикувале селските собири. Подоцна трубите се правеле од лим, се‘ додека фудбалските навивачи во 90-те години не ги направиле по свој терк. Се‘ едно дали играат „Орландо Пајратс“ против „Кајзер Чифс“ или „Мејмелоди Сандаунс“ против „Ајакс Кејп Таун“, денес вувузелите одекнуваат насекаде и прават одлично расположение. Но, за време на светското првенство нема да биде толку бучно како на натпреварите од домашната лига, претпоставува Клинтон Кјури: „Навивачите кои доаѓаат на мечовите воопшто не знаат како се свири на вувузела. Затоа тие нема да бидат толку бучни како домашните навивачи, кои точно знаат како функционираат вувузелите.“

Confed Cup 2009 - Vuvuzela

Навивачите на клубот „Кајзер Чифс“

Сепак, Клинтон Кјури ги охрабрува и туристите за време на светското првенство. Таа е сигурна дека тие бргу ќе се научат да свират на јужносфриканскиот култен инструмент: „Океј, не е тешко кога некој за првпат свири на вувузела, но потребна е одредена техника. Затоа, при првите обиди не се слуша ниту еден тон. Но, со вежбање ќе успеете.“

Автор: Катрин Генслер / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска