1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шариф се врати – и веднаш беше повторно протеран

Поранешниот премиер на Пакистан Наваз Шариф, како што претходно најави, по 7-годишен егзил се врати во земјата, со цел да учесвува на претстојните парламентарни и претседателски избори и да се бори за демократизација

default

Од пристигнувањето на Шариф на аеродромот во Исламабад

Наваз Шариф остана само 4 часови на пакистанска почва. По пристигнувањето прво беше ставен во таканаречен заштитен притвор од страна на воениот режим под обвинение за корупција и перење пари. Потоа пакистанската влада ја спроведе и пред тоа очекуваната мерка – го смести најостриот противник на претседателот на државата и армиски шеф, генерал Первез Мушараф, во авион и го испрати во Саудиска Арабија. Поранешниот пакистански премиер Наваз Шариф таму помина еден дел од седумгодишниот егзил, откако Мушараф го собори од власта со воен удар во октомври 1999-та година.

Шариф уште за време на летот од Лондон кон Исламабад претчувствуваше што ќе се случи: “Тој вели дека ќе ме води директно в затвор. Не се плашам од тоа. Тој ме држеше в затвор 14 месеци по државниот удар против мојата влада, но од тој ден се борам за враќање на демократијата”. Наваз Шариф затоа претходно го замоли братот Шаваз, кој сакаше да го придружува, да остане во британската престолнина, за таму да ги преземе неговите политички работи, доколку нему му се случи нешто. Во авионот за една телевизиска екипа изјави дека не очекува оти ќе има слобода на движење во Пакистан.

Пред аеродромот, ноќеска блокиран на поширок простор од страна на полицијата, дојде до улични битки меѓу неа и приврзеници на Шариф. Полицијата уоптреби гас-солзавец, се слушнаа истрели, има повредени. Уште претходно биле уапсени стотици, ако не и илјадници приврзеници на Шариф.

Претседателот Первез Мушараф сакаше безусловно да го спречи доаѓањето на политичкиот противник, но Врховниот суд на Пакистан пресуди дека тој смее да се врати. Популарниот опозиционер со недели ветува враќање на земјата кон демократија и вели дека Мушараф не треба да биде реизбран за претседател на есенските избори.

Враќање во Пакистан без прецизирање на датум најави и Беназир Буто – и таа е поранешен премиер, исто така протерана. За разлика од Шариф, таа сака договор со Мушараф за поделба на власта – таа да биде премиер, тој да остане претседател, но да се откаже од раководењето со армијата. Согласност уште не е постигната. “Се наоѓаме пред алтернатива, преминот кон демократија и стабилен Пакистан да го добиеме заеднички со Мушараф, или да се ризикува побуна на сите политички партии против него со многу пожестоки демонстраци отколку оние за независно правосудство” – вели Беназир Буто.

Неизвесно е дали по денешното искуство со Шариф таа и натаму е подготвена на враќање во земјата. Но, денешните настани веројатно натамошно ќе ја заострат внатрешно-политичката ситуација кај најблискиот сојузник на САД во регионот во антитерористичката бораба. Популарноста на претседателот Мушараф силно опаѓа по нападот врз Црвената џамија на неговите безбедносните сили во јули годинава.

Улрих Лајдхолт