1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шанса која не смее да се злоупотреби

Косовската забрана за увоз на српски стоки отвора можност за поголем извоз на македонски производи на косовскиот пазар. Експертите предупредуваат да се почитуваат трговските договори и да не се прават злоупотреби.

default

Македонија да се придржува до обврските од договорот ЦЕФТА и да биде внимателна советуваат експертите по косовската блокада за влез на српски производи. Потегот на официјална Приштина која предупреди дека засилено ќе ја контролира и границата со Македонија за да спречи влез на српски производи оттаму е политички и ќе предизвика економски последици, предупредува универзитетскиот професор Љубица Костовска во изјава за Дојче Веле. Тоа што и двете земји забораваат дека се потписнички на договорот односно на нешто се обврзале, според нејзе, ја покажува нивната зрелост, односно подготвеност да стојат на нивниот потпис. Решението според Костовска ќе мора да се бара преку секретаријатот на ЦЕФТА со седиште во Брисел.

Deutsch: Flagge des Zentraleuropäischen Freihandelsabkommens (CEFTA)

Логото на ЦЕФТА

Да се искористи можноста но коректно и легално

Што се однесува пак до Македонија, Костовска смета дека таа треба да остане доследна и почитувајќи ги правилата на ЦЕФТА и Светската трговска организација да го искористи моментот за да ја зголеми трговијата со Косово во делот на извоз на свои производи. Во случај на извоз на доработени, или преработени производи кои содржат српска компонента таа предупредува тоа да се врши легално, преку фирми кои веќе постојат и се регистрирани за таква дејност. Сите обиди сега да се регистрираат фирми во соработка со Србија, според нејзе би се сметало за нелегално.

Со сличен став се и претставниците на бизнис заедницата во Македонија. Од Стопанската комора сметаат дека просторот за поголем бизнис се отвора за македонските извозници, но и за останатите од земјите потписнички на ЦЕФТА договорот. Според Стојмирка Тасевска претсавник на најстарата бизнис асоцијација, ова не значи дека слободниот вакум е гарантиран само за земјите од ЦЕФТА. Тоа ќе можеле да го искористат и трети земји, но главниот бенефит поради договорот ќе биде за земјите од ЦЕФТА.

Mazedonien Land und Leute Landwirtschaft

Македонија има суфицит во трговската размена со Косово

Иако се најавуваше, засега не е регистрирано зголемување на извозот од македонска страна. Ова според Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија се должи пред се на фактот што трговците на Косово располагале со доволно залихи на стоки во моментов. Според него Македонија има шанса за зголемување на извозот но предупредува на коректност. Кучи вели дека Косово нема да реагира доколку на нејзиниот пазар се извезуваат и доработени српски производи како на пример српската пченица од која би се произведувало македонско брашно. Тој ја поздравува отвореноста на косовските бизнисмени за зголемена соработка.

Инаку Косово е една од малкуте земји со кои Македонија има суфицит во трговската размена. Лани на овој пазар се извезени македонски стоки во вредност од околу 400 милиони евра, што е речиси идентично со извозот од Србија на Косово кој изнесува 391 милиони евра. Најголема шанса сега имаат македонските компании кои работат со пченица, шеќер, градежни материјали, лекови, нафта, хартија, односно производи што се најзастапени во српскиот извоз на Косово.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Симе Недевски