1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шанса за тивката дипломатија?!

Продолжува молкот во Атина и Скопје околу последниот предлог на медијаторот на ОН, Метју Нимиц за надминување на македонско-грчкиот спор околу името.

default

Медијаторот Нимиц и амбасадорот Јолевски при последната посета на Скопје

Македонскиот државен врв се’уште не се изјаснува по најновиот сет идеи што медијаторот на ОН Метју Нимиц ги донесе во Скопје при неговата последна посета на почетокот на месецов. Претседателот Ѓорге Иванов, кој единствено при посетата на Загреб, изјави дека Македонија ќе одговори на предлогот на Нимиц кон крајот на август, упорно ги одбегнува македонските новинари, прашањата и шансите да соопшти каков било коментар. Прво околу името „Република Северна Македонија“ и второ дали јазикот ќе биде регистриран во ОН како македонски, но, на латиница.

Antonio Milososki mazedonischer Außenminister

Антонио Милошоски

Скопје и Атина и даваат шанси на тајната и тивка дипломатија. Ова може да се заклучи и од денешната (21.07.09) изјава на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој смета дека заради доверливоста на процесот и препораките од посредникот Нимиц, во јавноста би требало да се изнесуваат помалку подробности, да не се нанесе одредена штета на процесот. Милошоски потенцираше дека кога ќе дојде моментот, Македонија ќе биде подготвена да го пренесе својот одговор и дополни дека процесот е сложен.

Пред Меѓународниот суд за правда вчера Македонија го достави Меморандумот против Грција поради прекршувањето на Времената спогодба. Министерот Милошоски смета дека случајот пред Меѓународниот суд не е политички туку дека тој треба да му служи на правото на Времената спогодба и на обврските кои со неа биле преземени и на тој начин да се даде придонес за почитувањето на Меѓународното право. Министерот Милошоски реагираше на написите во грчките медиуми дека Грција не ставила вето за приемот на Македонија во НАТО и не ја прекршила Времената спогодба од 1995 година. Сепак очигледно е дека и грчките политичари во јавноста не обелоденуваат коментари и детали околу последниот предлог на медијаторот Нимиц.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска