1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шанса за Сирија и за опозицијата

Одлуката на сириската опозиција во егзил да учествува на мировната конференција за Сирија, е поздравена во меѓународни рамки. За ослабениот опозиционен сојуз, конференцијата, одлагана повеќе пати, е и голема шанса и тест

Членовите на сириската опозиција тешко ја донесоа одлуката. Тие досега постојано бараа сирискиот властодржец Башар ал-Асад да се повлече од функцијата за да може да се водат преговори за нова влада. Опозиционерите не сакаа да седнат на иста преговарачка маса со претставниците на режимот на Асад. Сега тоа сепак ќе го сторат и тоа веќе за два дена, во Монтре, на Женевското езеро. Сириската национална коалиција, како што се вика опозициониот сојуз, по долга расправија, вчеравечер (18.01) во Истанбул донесе одлука - да, одиме на преговори. При гласањето, „за“ беа 58 претставници на опозицијата, додека 14-мина беа против. Некои во знак на протест воопшто не учествуваа во гласањето.

„Криминалците да бидат симнати од власт“

Владата и бунтовниците водат војна речиси три години. Сега првпат треба да разговараат. Ахмад Џарба, претседател на Сириската национална коалиција, по гласањето во Истанбул рече: „Преговорите може да имаат само една насока, имено спроведување на целите на револуцијата, без какви било промени и пред сѐ - симнување на криминалците од власт.“

Јасно, под „криминалци“ шефот на опозицијата го подразбира сирискиот претседател Асад. Цел на преговорите е соборување на Асад од власт, нагласи Џарба. Меѓутоа, многумина опозиционери и натаму сметаат дека е погрешно да се преговара со Асад и дека тоа само му оди нему во прилог.

Притисок од Западот

Многу западни и арапски земји, меѓутоа, во текот на изминатите денови го зголемија притисокот врз сириската опозиција да се согласи со преговори. Зашто тоа е шанса да запре крвопролевањето во Сирија. Освен тоа, опозициониот сојуз во последните месеци загуби на влијание во Сирија. Борците кои ѝ се блиски на опозицијата не само што ја имаат сириската армија за противник, туку се борат и против сѐ повеќе исламистички групации кои се блиски на Ал Каеда. Таквите групации веќе имаат под контрола некои градови на северот на земјата. На преговарачката маса сега опозицијата би можела да добие малку повеќе на влијание.

Syrien Aleppo Zerstörung Luftangriffe 30.12.2013

Преговорите се шанса да се запре крвопролевањето

Курдите бараат учество

Додека Сириската национална коалиција дебатираше во Истанбул, во друг кварт во градот гласно демонстрираа неколку илјади Курди. Нивна портпаролка побара: „Во Сирија е можна демократија само ако Курдите добијат автономија и ако учествуваат во преговорите за иднината на земјата.“ Многумина од околу два милиони Курди во Сирија сметаат дека не се претставени како што треба од страна на Сириската опозициона коалиција. Задачата - на преговарачката маса во Швајцарија да се постигне прекин на огнот и мир за Сирија, ќе биде тешка.