1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шанса за работниците сениори

Германските фирми до неодамна имаа обичај работниците во доцните 50. години од животот да ги испраќаат во пензија. Сега на секој агол се бараат работници, а пазарот на трудот повторно ги откри работниците во педесеттите

Нивната сила, без оглед на годините, и натаму не може да се доведе во прашање. Овде во Хамбург сениори од 50 па до 70 години тренираат карате. Мнозинството од нив и натаму се во форма. За тоа е свесна и фирмата Увекс од Баварија. Третина од нејзината работна сила ја сочинуваат токму сениорите кои ја минале 50. година. Производителот на спортска опрема планира да ангажира уште искусни работници сениори.

„Предноста на еден таков мешан тим е сосема јасна. Од една страна важни ни се иновациите кон кои се посклони младите генерации. Од друга, подеднакво важно е и искуството на постарите работници кое не е во спротивност со таа цел, напротив води кон негово остварување“, вели Јохан Енгелман, раководител во фирмата Увекс.

Увекс веќе е пред многу други фирми во Германија. Но, не е единствена фирма која вработува работно способни луѓе преку 50-тата година. Бројот на претпријатија кои ја увидуваат предноста на висококвалификуваните сениори е се’ поголем. Една анкета на пазарот на трудот укажува дека две третини од фирмите изразиле подготвеност да тргне по тој пат оваа година. Тоа не значи дека ангажманот на сениорите е бесплатен.

Сениори потребни и во градинките

И на градинките им е итно потребна работна сила. Голем број вработени мораа прерано да ги напуштат своите работни места поради проблеми со ’рбетот и зглобовите. Работата со деца може да биде многу напорна. Условите за работа во градинките во меѓувреме станаа многу подобри, но сето тоа чини пари.

И големите концерни се повеќе инвестираат во работни места кои значитечно помалку го загрозуваат здравјето на работниците. Се отстранува секое непотребно оптоварување. Истовремено и средните фирми го увидуваат значењето и предноста на постарата работна сила со искуство.

Пензионерите повторно потребни

Во некои фирми како оваа може да се забележи и овој феномен. На пример во машинството, во оваа фирма од Хановер се’ почесто можат да се забележат поранешните работници кои биле предвремено испратени во пензија. Дома се досадуваат, а на некои им се потребни пари.

„Сметам дека е штета кога некој мора да се повлече и практично да го спакува своето работно искуство во кутија со останатите работи. Картонот ќе се тргне и тоа е тоа“, вели Арнд Бринкман, шеф на компанијата „Г+Ф Стрејт“ од Хановер.

Его Шинк во меѓувреме повторно ја распакува кутијата со неговите работи. 70-годишниот инжењер секојдневно во текот на претпладнето им е на располагање на своите колеги. Резултатите се одлични и тој рецепт го копираат се повеќе германски фирми. Третина од фирмите на кои итно им е потребна работна сила немаат ништо против ангажман на работна сила која е веќе во пензија.