1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шалке ја презеде лидерската позиција

По пет одиграни кола лидерската позиција во Бундеслигата ја презеде Шалке по киксот на Хамбург на гостувањето во Волфсбург каде претрпе пораз од 3:0. Тежок пораз за Баерн.

default

Од дуелот Баерн-Вердер

Тренерот на Хамбург, Мартин Јол, по тешкиот пораз, со малку позитивни зборови за настапот на неговите избраници:

„ Фудбалерите на Волфсбург многу едноставно го постигнаа резултатот и ние им подаривме голови. Во второто полувреме се консолидиравме, но секогаш е тешко, кога треба да играш со негатива од три голови. Во таков случај може да се направи само едно. Да се обидеш да постигнеш гол. Тоа ни успеа во последните натпревари, но денешните 3:0 беа премногу„ изјави Јол

Во сосема поинаков тон беше изјавата на тренерот на Волфсбург, Феликс Магат, кој е презадоволен од играта на неговиот тим:

„ Во споредба со досегашните настапи во Бундеслигата, денеска бевме многу ефикасни. Успеавме да ги реализираме нашите шанси за гол во првите триесет минути, така што можевме да бидеме смирени во нападот и да се концентрираме на контрола на играта на Хамбург„ изјави Магат

По ваквиот епилот Волфсбург се проби на шестото место на табелата. Хамбург сега е четврти.

Хофенхајм и натаму одличен

На втората позиција е довчерашниот второлигаш, Хофенхајм, кој ја прегази Борусија Дортмунд со 4:1. Стрелецот на првиот и третиот гол, напаѓачот Ведад Ибишевиќ, смета дека втората позиција на табелата не треба да е повод за преценување на ситуацијата:

„ Ништо посебно. Се наоѓаме на самиот почеток. Имаме уште многу да направиме. Пред нас се уште многу натпревари. Едноставно мораме да се концентрираме од еден натпревар на друг„ изјави Ибишевич

Поразот од Хофенхајм, за тренерот на Борусија Дортмунд, Јирген Клоп делува фрустрирачки. Во само три дена ова е втор пораз за неговиот тим. Во четвртокот Борусија во Дортмунд беше совладана од Удинезе со 2:0 во рамки на купот на УЕФА. Поразот значи и пад на десетото место на табелата:

„ Кога ќе се загубат две одлучувачки борби во слични услови, тогаш е многу тешко. Тоа нас ни се случи денеска. Понекогаш има црни денови. Некогаш црни недели. Тоа што ни се случуваше од минатиот понеделник мораме така да го прифатиме„ изјави Клоп

Во третиот неделен дерби натпревар, бодовите ги освои Штутгарт, кој на домашен терен го совлада Карлсруе со 3:1. Капитенот на тимот, Томас Хицлсбергер е секако задоволен:

„ Моравме да останеме постојани и да играме добро во нападот. Знаевме дека ќе имаме шанси кои треба да ги искористиме. Тоа се случи и затоа сме целосно задоволни„ изјави Хицлсбергер. Штутгарт сега е на третата позиција на табелата. Карлсруе е петнаесети.

Вердер го прегази Баерн

Најголемата сензација во петото коло се случи во саботата во Минхен, каде Вердер Бремен го декласираше Баерн со 5:2. Ова е еден од најтешките порази за баварците во првенствата на домашен терен, по кој паднаа на седмата позиција на табелата. Тренерот Јирген Клинсман по натпреварот беше разочаран:

„ Се разбира дека тоа боли. Ваквите моменти се случуваат постојано во фудбалот. Но се надевам дека тоа нема да биде често за нас. Многу е важно по ваков пораз повторно да се застане на нозе и соодветно да се реагира. Тоа со сигурност можам да кажам дека и ќе го направиме„ изјави Клинсман

Тренерот на Вердер, Томас Шаф, е задоволен што неговиот тим конечно се врати во форма и тоа на најдобар можен начин:

„ Денеска победивме бидејќи се покажавме во силно светло. Покажавме во каква форма се наоѓаме. Доколку продолжиме со ваква хармонија и ваква игра, тогаш тоа ќе ме радува„ изјави Шаф

Промена на врвот на табелата

Шалке 04, ја презеде лидерската позиција на табелата по минималниот триумф на домашен терен против Ајнтрахт Франкфурт. Победата од 1:0 сепак за Хајко Вестерман не е причина за целосно задоволство:

„ Последните 30 минути не донесоа повеќе. Едноставно бевме бавни и уморни од вторникот кога имавме настап во купот на УЕФА. Но и покрај тоа победивме заслужено. Противникот немаше ниту една шанса за гол„ изјави Вестерман

Со идентичен резултат заврши и натпреварот во Менхенгладбах, каде Херта од Берлин среќно славеше против Борусија. Херта е сега на деветата позиција, Борусија на самото дно, шеснаесета. Проблематично заврши викендот и за Келн, кој од гостувањето во Билефелд против Армија се врати со 2:0. По поразот Келн падна на тринаесетата позиција, Арминија е едно место погоре.

Последен на табелата е тимот на Енерги Котбус, кој ремизираше во дуелот протибв Бохум, 1:1. Ова беше и прв првенствен гол за Котбус. Во првиот натпревар во петокот Баер Леверкузен го совлада Хановер со 4:0 и се проби на четвртата позиција на табелата. Играч на натпреварот беше Патрик Хелмес кој постигна хет трик.