1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шалке ја испушти шансата да го преземе врвот во Бундеслигата

Екипата на Шалке ја испушти можноста да се искачи на врвот на табелата на Бундеслигата, по поразите на главните конкуренти Бајерн Минхен и Бајер Леверкузен во 27-то коло. Нов пресврт има во борбата за опстанок во лигата.

default

Победа за Шалке на гостувањето кај Хамбургер ќе значеше и преземање на врвот на табелата во Бундеслигата на 7 кола пред крајот на првенството. Но тимот од Гелзенкирхен немаше среќа. По голема борба и многу шанси на обете страни, на крајот 2:2. Тренерот Феликс Магат неуспехот го префрли врз неискуството на неговиот тим.

„Како и многупати досега во оваа сезона, по водството престанавме да напаѓаме, ја препуштивме средината на теренот и противникот успеа да израмни“.

Fußball 2. Bundesliga 27. Spieltag: TSV 1860 München - FSV Frankfurt

По почетното радување, на крајот бламажа на Бајерн

По 19 натпревари без пораз, Бајерн Минхен доживеа бламажа на гостувањето кај Ајнтрахт во Франкфурт. Лидерот на табелата загуби со 2:1 откако прими два гола во последните минути од мечот. Тренерот Луј Ван Хал по мечот беше многу концизен.

„Може да се каже Франкфурт ја заслужи победата на овој меч. Но, ми се чини дека ние самите се победивме. И тоа е секогаш жално“.

И Бајер Леверкузен загуби важни бодови во битката за титулата. Тимот сега заостанува три бода зад Бајерн и два зад второпласираниот Шалке. Поразот од 3:0 на гостувањето во Дортмунд кај Борусија, за тренерот Јуп Хејнкес беше резултат на многуте грешки на играчите.

„Првиот гол го примивме од една стандардна ситуација, по изведен корнер за кој не бевме добро распоредени. И следните два гола беа резултат на индивидуални грешки и потоа беше невозможно да се направи пресврт“.

Дортмунд успешно го одбрани четвртото место на табелата и тимот по подолга пауза може да се надева на европски фудбал следната година.

Вердер Бремен брзо се созеде од разочарувањето во Евролигата и стигна до трите бода во дуелот против Бохум во уште еден трилер натпревар. Два дена по разочарувачките 4:4 против Валенсија, Вердер победи со 3:2.

И тимот на Штутгарт брзо се врати од катастрофата во Лигата на Шампионите. По поразот од 4:0 на гостувањето кај Барселона, Штутгарт го совлада Хановер со 2:0. Гостите, по двете победи едноподруго, сега повторно се најдоа во зоната за испаѓање, со ист број бодови со Фрајбург, кој го совлада Мајнц со 1:0. Од опасната зона не успеа да побегне ниту тимот на Нирнберг, кој одигра без голови на домашен терен против Хофенхајм.

Најголемото изненадување на колото го направи веќе речиси отпишаната Херта од Берлин, чии играчи нагости го совладаа Волфсбург со чудесни 5:1. Домаќините очигледно ги стигна и заморот, откако во четвртокот играа продолженија против Рубин Казан во Евролигата, но тоа не го намалува успехот на Херта. По победата и стандардното прашање: може ли реномираниот тим од Берлин да избори опстанок во лигата?

„Само сакаме да покажеме карактер. Сакаме да покажеме дека знаеме да играме фудбал, и дека не ни е местото на дното на табелата. Сепак, не сакаме да ја поставиме целта превисоко. Засега е доволно да победуваме, колку е можно повеќе“, изјави капитенот на Херта, Арне Фридрих.

Во петокот лутите ривали Келн и Борусија Менхенгладбах ги поделија бодовите, играјќи 1:1, по што обете екипи останаа во долниот дел од табелата.

Заврши Параолимпијадата во Ванкувер

Доцна синоќа по средноевропско време беше спуштена завесата на, според многумина, најуспешните параолимписки игри одржани во историјата. Игрите за хендикепираните во Ванкувер донесоа одлична конкуренција на највисоко ниво во сите спортови, оцени претседателот на Светскиот параолимписки комитет Хавиер Гонзалес. Игрите имаа рекордна гледаност на телевизиите и на интернет, а рекорд е и дека беа продадени 85 проценти од влезниците.

Paralymische Spiele Bentele

Верена Бетеле, успех за Германците

Во десетдневното натпреварување учествуваа повеќе од 500 спортисти од 44 земји. Најуспешни нации на игрите се Германија и Русија. Германците освоија најмногу златни медали - 13, а покрај нив уште 5 сребрени и 6 бронзени. Русите, пак, се најдоа на врвот според севкупниот број медали - 38, од нив 12 златни, 16 сребрени и 10 бронзени.

Организаторите во Ванкувер за првпат заеднички ги промовираа олимписките и параолимписките игри, што според многумина, беше и главната причина за големиот успех на игрите.

Особено позитивен оддек, игрите имаа во Германија. Отворањето кое беше пренесувано во живо на германската државна телевизија, во три часот изутрина по локално време, ги урна дотогашните рекорди на гледаност за тој период од деноноќието.

Кличко ја одбрани титулата

Klitschko Chambers Boxen

Владимир Кличко

Украинецот Владимир Кличко во саботата ја одбрани титулата светски првак во верзиите ВБО и ИБФ во супер-тешка категорија. Во „Еспри“ арената во Диселдорф пред повеќе од 50 илјади гледачи, Кличко беше надмоќен во борбата против Американецот Еди Чејмберс совладувајќи го со класичен нокаут во 12-та рунда.

За 33-годишниот Кличко ова беше 54 победа во кариерата, 48-ма со нокаут. Украинецот досега загуби три борби. За да ги обедини титулите во сите верзии во супер-тешка категорија на Кличко му е потребна и победа над британецот Дејвид Хеј, кој засега е неприкосновен во верзијата ВБА.

Автор: БГ/ ЗЈ/ дв/ројтерс/дпа

Редактор: Жана Ацеска