1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шалке против Интер за полуфинале

Последната германска екипа во еврокуповите Шалке 04 за противник во четвртфиналето од Лигата на шампионите, го доби бранителот на титулата Интер во кој настапува македонскиот репрезентативец Горан Пандев.

default

Горан Пандев по постигнувањето на голот за 3:2 против Бајерн

Денешната жрепка во седиштето на Европската фудбалска унија УЕФА во Нион повторно му одреди пат во Германија на бранителот на титулата Интер по трилер елиминацијата на Бајерн од Минхен во осминафиналето со голот на Горан Пандев.

Fussball Champions League Schalke 04 Valencia

Фудбалерите на Шалке се радуваат по елиминацијата на Валенсија во осминафиналето

Шалке со новиот тренер Рањик

Слично како и во Бајерн, пред реваншот против Интер во Минхен, и во тимот од Гелзенкирхен во моментов владее хаос, откако набрзина беше отпуштен тренерот Феликс Магат.

Сепак Шалке има време да се консолидира под раководство на новиот тренер Ралф Рањик кој до крајот на есенскиот дел на Бундеслигата успешно ја предводеше екипата на Хофенхајм.

Што се однесува до историјата на дуелите меѓу двата тима во 1997 година Шалке во финалето на Купот на УЕФА го победи Интер по изведувањето пенали. Една година подоцна меѓутоа Интер беше поуспешен од екипата од Гелзенкирхен во четвртфиналето во истото натпреварување.

Fußball Manchester United FC Chelsea London Dimitar Berbatov John Obi Mikel

Класика: Челзи-Манчестер

Суперчетвртфинале Манчестер Јунајтед - Челзи

Во останатите четвртфинални двојки извлечени денеска во Нион, фаворитот на хартија Барселона за место во полуфиналето ќе се бори со најголемото изненадување годинава Шахтјор од Доњецк додека Реал Мадрид ќе игра против Тотенхем и конечно во последната четфртфинална двојка која е и најатрактивна се Премиерлигашите Челзи и Манчестер Јунајтед. Првите натпревари се закажани за 5 и 6 април, а реваншите за 12 и 13 април.
Во полуфиналето ќе се сретнат победниците од дуелите меѓу Реал Мадрид- Тотенхем и Барса- Шахтјор, односно, Челзи- Манчестер Јунајтед и Интер- Шалке. Полуфиналните натпревари се закажани за 26 и 27 април и 3 и 4 мај.

Динамо Киев на Горан Попов против Брага

Денеска во Нион беше извршена и жрепката за четвртфиналните двојки во Лигата на Европа.

Екипата на Динамо од Киев во која настапува македонскиот репрезентативец Горан Попов во првиот четвртфинален ќе гостува на Брага во Португалија. И двете екипи претходно елиминираа англиски премиерлигаши. Брага го исфрли од натпреварите Ливерпул, а Динамо беше подобар од Манчестер Сити.
Останатите двојки за четвртфиналето што ќе се игра на 7 и 14 април се: Порто – Спартак Москва, Бенфика – ПСВ Ајндховен и Виљареал – Твенте.

Автор:СН/БГ/дпа/ртр

Редактор: Симе Недевски