1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шалке - нов лидер во Бундеслигата

28-то коло во германската Бундеслига донесе и нов лидер на табелата. По уверливата победа во дербито против Леверкузен, Шалке ги потврди своите шампионски амбиции и се искачи на врвот со два бода предност пред Бајерн.

default

Курањи го постигнува вториот гол против Леверкузен

По киксот на Бајерн Минхен, екипата на Шалке го искористи моментот и се искачи на врвот на табелата во Бундеслигата. И за да биде уште поубаво, фудбалерите од Гелзенкирхен во 28 коло го совладаа вториот директен конкурент за титулата Бајер Леверкузен со 2:0. Ѕвезда на натпреварот во Леверкузен беше напаѓачот Кевин Курањи кој ги постигна своите 16-ти и 17-ти гол оваа сезона. И покрај извонредната партија Курањи по мечот скромно изјави:

„Нормално дека е многу убаво. Сега сме во финишот и сакаме да продолжиме вака да работиме, да се обидеме и во наредните натпревари повторно да играме вака добро и успешно. Јас се обидувам да дадам се’ од себе за успехот на мојата екипа“.

Шалке сега води на табелата со два бода предност пред минхенски Бајерн. Леверкузен е на третото место веќе со пет поени заостанување.

Една недела по поразот во Франкфурт, Бајерн загуби и на домашен терен од Штутгарт со 2:1. Тоа е вкупно четврти пораз на Бајерн сезонава, кој доаѓа во напорен период, три дена по успехот во Купот против Шалке и три дена во пресрет на првиот четвртфинален натпревар против Манчестер Јунајтед во Лигата на шампионите. Тренерот Луј ван Хал по мечот делуваше разочарано:

„Не успеавме да најдеме решение зашто секогаш е тешко да се игра против екипа која може и да се брани. И веројатно влијание имаше и мечот против Шалке, но им се заблагодарувам на моите играчи за напорот што го вложија денеска“.

За Штутгарт ова беше прва победа во Минхен уште од 24 септември 1999 година.

Херта немаше среќа

Fußball Bundesliga Berlin Dortmund Flash-Galerie

На Гекас му беа поништени два гола во дуелот против Дортмунд

Противникот на Бајерн во претстојното финале на купот, Вердер, од друга страна, извојува победа против Нирнберг со 4:2. Тимот од Бремен веќе осум натпревари нема пораз и се вклучи во борбата за пласман во европските натпреварувања.

Херта на домашен терен во Берлин не успеа да избори ништо повеќе од реми без голови против Борусија од Дортмунд. Иако во два наврати топката ја мина гол линијата по шутевите на напаѓачот на Херта, Теофанис Гекас, головите не беа признати. Тренерот на Херта Функел смета дека тоа е неправда:

„Тоа не е првпат. Ни во Бремен не ни беше признат чист гол од Гекас и потоа ни се извинија, зашто не беше офсајд. Но од тоа немаме ништо. Тоа се четири поени кои би можеле да ни фалат на крајот и тоа е многу многу горчливо“.

Со само 19 поени Херта и натаму е последна на табелата во Бундеслигата.

И се‘ уште актуелниот првак, Волфсбург, продолжи со добрите игри во пролетниот дел од сезоната. Овојпат нагости беше совладан Мајнц со 2:0, најмногу благодарение на босанскиот голгетер Един Џеко, кој постигна два гола.

Хановер продолжува да тоне

Хановер доживеа тежок пораз од 1:4 на домашен терен против Келн и се закотви на претпоследното место на табелата кое води во понизок ранг. Тренерот Мирко Сломка не ги криеше своите фрустрации по мечот кој беше многу значаен за неговиот тим.

„Кога цела недела се подготвувате за еден ваков натпревар и на крајот добиете ваков одговор од тимот, тогаш навистина морате добро да размислите. Наместо да ја искористиме можноста со победа против Келн да избегаме од опасната зона, да примиме голови како првите два. Тоа е навистина страшно“.

За Келн тоа беше прва победа во Хановер по пауза од цели 22 години.

Во неделата Борусија Менхенгладбах го совлада Хамбургер со 1:0 и се чини, ги разреши сите дилеми околу опстанокот во лигата. Голот на Холанѓанецот Брауерс пред крајот на првото полувреме беше доволен за голема радост на тимот на тренерот Михаел Фонцек.

„Многу сум задоволен од прикажаното. Успеавме со многу пожртвуваност да ја добиеме битката против Хамбургер, кој е многу поквалитетен тим од нас. Хамбургер ја имаше контролата врз играта и поседот на топката, но кога ќе го видам бројот на шансите за гол, сметам дека нашата победа воопшто не е незаслужена“.

Хамбургер во лоша форма

Fußball Bundesliga - Borussia Mönchengladbach gegen Hamburger SV

Хамбургер продолжи со слабите партии на гостувањето кај Менхенгладбах

Борусија е сега на 12-то место на табелата, додека Хамбургер остана на 6-то место, со четири бода заостанување зад петтата позиција која води во европските купови.

Сезонава не му оди ниту на минатогодишното изненадување- Хофенхајм. Тимот успеа по подолго време да постигне гол, но тоа беше доволно само за реми на домашен терен против кандидатот за испаѓање од лигата, Фрајбург. Хофенхајм веќе четири кола нема победа, и незадоволството беше забележливо и кај играчот од средниот ред Себастијан Вајс.

„На крајот можеме да бидеме и задоволни. Мислам дека првото полувреме беше очајно. Недостасуваа и желба и план. Второто полувреме беше подобро, успеавме да постигнеме и гол. Но се’ на се’, тоа беше премалку“.

Освоениот бод го искачи Фрајбург на 16-то место кое води во бараж натпреварите за опстанок во лигата.

Во петокот, 28-то коло го отворија Бохум и Ајнтрахт Франкфурт. По победата над Бајерн во минатото коло, Франкфурт продолжи со добрите игри и нагости, и ги однесе трите бода со победата од 2:1. За Бохум ова беше четврти пораз во серија, по кој тимот повторно се најде во зоната која води во понизок ранг.

Автор: БГ/СН/дв

Редактор: Жана Ацеска