1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шалке на прагот на првата победа – но не го пречекори

Во Истанбул Фенербахче и Шалке одиграа нерешено 3 спрема 3

Двоен стрелец за Шалке: Линколн

Двоен стрелец за Шалке: Линколн

На тимот од Гелзенкирхен ни три гола постигнати на гости не му беа доволни за да ја постигне првата победа во годинашната фудбалска Лига на шампионите. Натпреварот имаше драматичен тек – домаќинот прв поведе, потоа Шалке имаше две водства со 2 спрема 1 и 3 спрема 2, но Фенербахче собра сили за израмнување. Два гола за Шалке постигна Линколн, а еден Курањи. Стрелци за Фенербахче беа Луцијано, Нобре и Апиа.

„Кога ќе одиграш како ние, не можеш да бидеш задоволен со нерешен резултат. Ние ја контролиравме играта. Знаевме дека Фенербахче е опасен од стандардни ситуации и дотолку е поразочарувачко што од такви ситуации паднаа головите“ – изјави тренерот на Шалке Ралф Рангник.

Незадоволен е и неговиот колега од противничкиот тим, германскиот тренер Кристоф Даум: „За нас е ова загуба на бодови, само ако погледнам колку шанси пропуштивме во првото полувреме. Третиот гол беше огромен подарок на гостинот. Но, забележително е дека мојот тим никогаш не се предаде“.

Во рамките на истата Е-група, Милан и ПСВ Ајндховен одиграа нерешено 0 спрема 0. Со 60 илјади гледачи ова беше најпосетен од синоќешните натпревари. Милан води со 5 бодови, Фенербахче и ПСВ имаат по 4, а Шалке 2. Во наредното коло, на 1-ви ноември, во Гелзенкирхен ќе се одигра возвратната средба Шалке – Фенербахче.

Во Ф-групата очекувани победи на домашните тимови: Олимпик во Лион го совлада Олимпијакос од Пиреја со 2 спрема 0, а Реал го победи норвешкиот претставник Розенборг од Трондхајм со 4 спрема 1. Не недостасуваа возбудувања – во Мадрид поведе гостинот, а пресвртот Реал го изведе во второто полувреме. Во Лион по раното водство на домаќинот во 4-тата минута, многу драматика во финишот: Олимпијакос изедначи на 6 минути пред крајот на средбата, а во претпоследната фаворитот сепак ја обезбеди планираната победа. Таа му е трета во трите средби и францускиот тим води во групата со 9 бодови, пред Реал кој има 6, Розенборг со 3 и Олимпијакос без бодови.

Во Г-групата успех на Ливерпул на гостувањето кај Андерлехт во Брисел и победа со 1 спрема 0, и убедлива претстава на Челзи, кој го испрати шпанскиот тим Бетис од Севилја со 4 голови во мрежата. Челзи и Ливерпул имаат по 7 бодови, Бетис три, а Андерлехт и натаму нема освоено ни бод. Занимило е дека Белгијците сите три средби ги загубија со по 1 спрема 0!

Во Х-групата прва победа на Порто и тоа против водечкиот Интер – резултатот е 2 спрема 0. Глазгов Ренџерс и Артмедиа од Братислава одиграа нерешено 0 спрема 0. Милански Интер остана на првото место во групата со 6 бодови, Артмедиа и Глазгов Ренџерс имаат по 4, а Порто 3.

Зоран Јордановски