1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шалке веќе 49 години копнее за шампионските почести

Клубот од Гелзенкирхен, осумкратен првак на Германија, гори од желба за реванш за настаните од пред 83 денови - во последните метри загубената трка за титулата во претходното првенство

default

Предвреме се радуваа за шампионскиот трофеј - тој сепак отиде во Штутгарт: навивачите на Шалке

19-ти мај 2001-ва година – траума за Шалке. Крај на сезоната; сонот, се чинеше, се оствари: Шалке победи во последниот натпревар, Хамбургер водеше против Баерн со 1 спрема 0 – што значеше дека Шалке е првак. Но, само 4 минути и 38 секунди, оти потоа Баерн во доигрувањето даде гол, титулата сепак остана сон, сега веќе кошмарен.

“Стравично е она што се случуваше во последните минути на стадионот на Шалке. Со зборови тоа, тешко, многу тешко може да се опише. Сите мислеа дека тие, фудбалскиот клуб Шалке 04, стигна до осмото освоено германско првенство, по 43 години повторно стана германски првак. Мислам дека поимот ’парализирачка вчудовиденост‘ недоволно ја отсликува состојбата” – репортерска слика од преносот на Манфред Бројкман од Гелзенкирхен.

За Шалке беше посебно горко оти поминаа многу децении од неговото големо време, триесеттите и четириесеттите години на минатиот век, кога освои шест титули првак. Седмата и досега последна беше прославена во 1958-ма година.

Шалке е еден од клубовите-основачи на Бундеслигата во 1963-та, но во неа никогаш не успеа да се надоврзе на старите успеси. Две години подоцна проширувањето на лигата од 16 на 18 екипи го спаси од испаѓање. Во 1971-ва, во скандалот со подмитување, Шалке играше неславна главна улога. За еден играч аферата значеше крај на кариерата – за капитенот Рајнхард Либуда, познат по прекарот “Стен”, талент каков што се раѓа еднаш во векот, идол на навивачите не само во Рурската област. “Толку многу се лутев на самиот себе си што воопшто учествував во таа работа. Та, јас бев капитен. А воопшто и не сакав да учествувам. За мене тоа значеше крај, веќе немав сила во себе” – се сеќава Либуда.

Наредната година по скандалот Шалке сепак го освои Купот на Германија победувајќи го во финалето Кајзерслаутерн со 5 спрема 0. Потоа речиси згасна. Во осумдесеттите години трипати мораше да се сели во Втората лига. Навивачите не дозволија клубот да потоне, и во Втората лига десетици илјади доаѓаа на стадионот - главно благодарение на нив клубот успеа да ги преживее оскудните години во второкласност. Во опкружувањето на клубот радо се вели дека Шалке е нешто како религија.

Клубот се опорави економски и спортски во деведесетите години, во меѓувреме игра на еден од најмодерните стадиони во Европа. Во 1997-ма година го постигна и својот најголем успех воопшто - во финалето на Купот на УЕФА беше подобар од славниот Интер од Милано. Одлуката падна со изведување пенали на реванш-средбата на стадионот Сан Сиро во Милано. Белгиецот Марк Вилмотс го реализира решавачкиот пенал.

Тимот не го карактеризираше голема фудбалска уметност, туку нескршлива волја и тимски дух. "Глава" на екипата беше Олаф Тон, “професорот” - како што го нарекуваа соиграчите и навивачите. “Бевме една толпа, со невообичаени карактери, која се разбираше меѓусебно. Тоа не беше присилно составен тим, туку екипа во која сите меѓусебно си одговаравме” – вели Тон.

И покрај европскиот трофеј, за душата на “кралско сините” од Гелзенкирхен, веќе половина век нешто недостасува. Клупскиот идол Стен Либуда, во едно од ретките интервјуа, последно пред да почине, зборуваше за тоа што уште пожелува: “Син ми и мајка ми да останат здрави, а и јас. Ништо друго. Освен, можеби, Шалке да биде првак”.

Дирк Улрих Кауфман