1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Чудото од Хофенхајм повторно на лидерската позиција

Хофенхајм го прегази Хамбургер со 3:0 и се прови на врвот на табелата во фудбалската Бундеслига. Баерн Минхен со многу мака се враќа кон врвот.

default

Од дуелот Хофенхајм-Хамбургер

Чудото од Хофенхајм повторно е лидер на табелата. Баерн Минхен се враќа кон врвот. Вака може да се сумираат настаните од викенд натпреварите од деветото коло во Фудбалската Бундеслига. Во Германија на фудбалски план се случува нешто што го немало во последните 40 години. За чудење или не, клубот од малото село во покраината Рајнланд Фалц, во својата прва сезона како прволигаш буквално растура. Во девет натпревари Хофенхајм постигна 24 голови, од кои три во дуелот против довчерашниот лидер на табелата Хамбургер, кого го совлада со убедливи 3:0. Тренерот Ралф Рањик за настапот на своите избраници имаше пофални зборови:

„Она што го прикажавме беше само продолжение од претходните натпревари. Тие постојано се обидуваа да одржат високо темпо на игра, во секоја фаза. Постојано сакаа да изнудат грешка на противникот. Тоа беше посебно воочливо во првото полувреме. Во вториот дел се виде дека таквото темпо не може да се задржи во текот на целиот натпревар„ изјави Рањик.

Голманот на домаќинот, Даниел Хас исто така е задоволен:„Ние не кажавме дека ќе излеземе на теренот и ќе ги растуриме. Но кажавме дека ќе земеме се`. Знаевме против каков противник играме и конечно одигравме одличен натпревар„

Баер Леверкузен, ноќна мора за Даум

Хофенхајм е на лидерската позиција со 19 бодови. Втор на табелата со бод помалку е тимот на Баер Леверкузен, кој во петокот во локалното дерби против Келн го оправда епитетот на фаворит. Победи со 2:0 и му го расипа расположението на тренерот на Келн, Кристоф Даум, кој на денот на натпреварот го славеше својот 55-ти роденден. Баер Леверкузен е една лоша епизода за Даум. Пред осум години тој беше тренер на овој тим, но доби отказ по аферата со користење кокаин.

Christoph Daum (Kölns Trainer)

Кристоф Даум

Хамбургер, по поразот од Хофенхајм има 17 бодови и падна на третата позиција. Голманот Франк Рост, е налутен:

„Едноставно многу лесно му овозможивме на противникот да го освојува просторот пред нашиот шеснаесетник. Не смеевме да си дозволиме во тој дел од теренот да комбинираме. Противникот тоа многу добро го искористи. Практично сите голови ги подаривме многу лесно„ изјави Рост

На четвртата позиција се проби Штутгарт, кој вчеравечер дома го совлада Бохум со 2:0. На шампионот од 2007 година му требаше доста време и многу напор да го скрши отпорот на противникот. Тоа му појде од рака на голгетерот Марио Гомез, кој на двапати стрелаше прецизно и го реши натпреварот:

„Тоа беше едноставно натпревар на нерви. Ретко пронаоѓавме празнина во одбраната. Знаевме дека мораме да чекаме на решавачкиот момент и успеавме во тоа. Победивме и нималку не е важно дали тоа го направивме со 1:0 или 6:0. Ги освоивме трите бода и тоа е најважно„ изјави Гомез

Баерн се враќа кон врвот

Викендов, по подолго време можевме да бидеме сведоци и на добра првенствена партија на Баерн Минхен, кој го совлада Волфсбург, со 4:2. Меѓутоа овој натпревар за баварците и тренерот Јирген Клинсман не беше нималку лесен. Посебно ако се има предвид фактот дека противникот по првиот дел водеше со 2:0. Навивачите беа нервозни и тоа со право, кога за противник го имаа тимот, кој од клупата го предводи довчерашниот тренер на Баерн, Феликс Магат. За среќа на Клинсман, неговите избраници во вториот дел играа како препородени и постигнаа четири голови. Победа која им донесе скок од десетото на петото место на табелата.

Ausraster Uli Hoeness Manager von Bayern München Bayern München Versammlung

Ули Хенес

Менаџерот на Баерн, Ули Хенес, пред новинарите ја разјасни дилемата околу прашањето, што им кажал Клинсман на играчите во кабините на полувремето. Неговиот едноставен одговор беше дека не треба да се бара секогаш влакно во супата и додаде:

„Мислам дека кога ќе победите со 4:2 не треба да се зборува за критичните точки, туку треба вистински да се радуваме. Тоа треба да се научи. Радост, а не критики кои се задача на тренерот„ рече Хенес

На шестата позиција на табелата е Херта од Берлин, која на гостувањето во Дортмунд против Борусија, освои еден бод. Конечните 1:1 е добар резултат за Херта, чие раководство изрази задоволство. Тренерот на Борусија, Јирген Клоп, сепак не е задоволен:

„На крајот заврши 1:1. Мислам дека Херта е задоволна со тоа, но ние го немаме истото чувство„ рече Клоп

Шалке и Вердер со половичен плен

Седми на табелата е тимот на Шалке, кој во дуелот против Арминија Билефелд одигра само 0:0. Разочарувачки резултат за тимот од Гелзенкирхен, ако се има во предвид текот на натпреварот во кој Шалке буквално во текот на целите 90 минути напаѓаше, а противникот се бранеше.

Вердер Бремен и натаму бара излез од кризата и никако да влезе во својата препознатлива форма. Иако беше фаворит, од гостувањето во Хановер против истоимениот домаќин се врати со половичен плен, 1:1 беше епилогот на овој натпревар. Затоа пак се радуваше тимот на Борусија Менхенгладбах, кој освои минимална, но многу значајна победа против Карлсруе од 1:0.

Bundesliga Energie Cottbus gegen Bayer 04 Leverkusen

Играчите на Котбус

Шанса да се помести од дното на табелата пропушти Енерџи Котбус, тимот на македонскиот интернационалец Игор Митревски, кој дома беше поразен од Франкфурт со 3:2. Натпреварот беше извонредно драматичен. Котбус водеше со 2:0 со головите на Рамелов, но дозволи да се случи целосен пресврт. Долниот дел на табелата го сочинуваат тимовите на Арминија Билефелд, Борусија Менхенгладбах и Енерџи Котбус.