1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Чудни изјави на фудбалските легенди за допингот

Допинг? На ова прашање фудбалскиот свет досега само ги „спушташе рамениците“ . Но актуелните изјави покажуваат дека некогаш играчите без многу прашања земале сѐ што лекарите широкоградо им го давале.

Фудбалот е религија. Таа реченица на прв поглед изгледа претерано, но сепак може да и има смисол. Според податоците на Меѓународниот фудбалска федерација (ФИФА), во 208 земји во светот околу 265 милиони луѓе годишно организирано играат фудбал. А љубители на овој спорт има далеку повеќе: Светското првенство во 2010. на телевизија го следеа 3,2 милијарди луѓе. На сите нив заедничка им е вербата во нивната репрезентација, нивниот клуб, освојување титула, останување во лигата или во наредниот гол. Протагонистите на теренот стануваат херои, а понекогаш дури се возвишуваат и до фудбалски божества. Но тоа верување во „боговите во шорцеви" овие денови е ставено на тешко искушение: треба ли сите тие фантастични акции и погодоци да им се заблагодарат на апчиња и инекции? Дали има допинг и во професионалниот фудбал?

Што е всушност допинг?"

Fußball Franz Beckenbauer

Франц Бекенбауер

Вербата е сѐ уште голема, но сомнежот расте. И тоа благодарејќи токму на фудбалските великани од минатото. Така еден од најголемите германски фудбалери на сите времиња Франц Бекенбауер неодамна изјави: „Секако дека добивавме витамински инекции. Да, витамински инекции, не знам. Лекарот рече дека тоа е витаминска инекција. Но служи ли таквата инекција само за подобрување формата или е тоа допинг? Не знам. Што е всушност допинг?" Значи, накратко: за витаминските инекции за кои не знае дали се тоа што лекарот вели или може сепак не се. А што е допинг- тоа не знае, но знае дека допингот нема смисол во фудбалот: „Секогаш сметав дека допингот нема смисол во фудбалот, бидејќи играш натпревар секој втор, трет или четврти ден. Познато е дека, со допингување, се постигнува зголемување на сопствените можности. Значи на телото му треба одредено време за да закрепне."

Може само да се предпостави што сакаше со тоа Бекенбауер да каже. Можеби: допинг во фудбалот е бесмислен, бидејќи е премногу напорен меѓу сите тие натпревари? Чудно е тоа образложение на фудбалската легенда. Бидејќи, за некои спортисти токму тоа големо оптоварување во кратки временски периоди е главен аргумент за земање допинг средства. На пример, во велосипедизмот за повеќедневни трки.

Допингот има смисол?

Bernd Schuster Trainer Mönchengladbach

Бернд Шустер

По изјавата на Бекенбауер, со чудни изјави се јави уште една германска фудбалска легенда. Бернд Шустер, европски првак од 1980. и сегашен тренер на шпанскиот клуб Малага кој за весникот „Спорт билд" рече дека нема проблем со допингот ако тој служи само за побрзо закрепнување: „Ако некој играч по повреда може повторно да се врати во форма за две, три недели, тогаш тоа има смисол." Аха. Значи, допингот има смисол ако се забрза заздравувањето на повредените играчи.

Ни Шустер многу не го засегало тоа што се' како играч добивал од својот лекар: „Тоа беше вообичаено, понекогаш дури наутро пред натпреварот, лекарите и физиотерапевтите да ни дадат некои работи. Сите ние земавме по нешто." Шустер, кој меѓу останатите играше и за Реал Мадрид, Барселона, Бајер Леверкузен и Келн, со своите изјави упатува на редовна злоупотреба на лекови во фудбалот во 80-тите и во 90-тите години од минатиот век. И не само тоа, тој се осврнува и на сегашната фудбалска генерација: „Некои играчи имаат во својот несесер повеќе апчиња од деодоранси и парфеми. Тие се многу чувствителни, им треба нешто за сѐ можно."
Секако, од изјавите на двете фудбалски легенди не можат да се извлечат заклучоци за навистина користените средства, но може да се препознае размислувањето: проголтај сѐ што ќе ти даде лекарот. А допинг?

Кој не признава, за мене е лицемер"

06.02.2012 DW-TV Typisch Deutsch Studiogast Portrait Paul Breitner

Паул Брајтнер

Постојат индиции дека германската репрезентација на Светското првенство во 1954. земала средства за подобрување на формата, кај некои германски учесници на СП од 1966. се пронајдени траги на забранетиот лек Ефедрин, аргентинската фудбалска легенда Марадона е позитивно тестиран на кокаин, а изјавите на сведоците и судските пресуди укажуваат дури и на можен систематски допинг во клубовите Јувентус Торино и Олимпик Марсеј од 90-тите. Тоа се само некои од најпознатите случаи. Во „Антидопинг базата на податоци" на норвешкиот новинар Тронд Хусо се забележани повеќе од 170 случаи на допинг во фудбалот.

Полека сепак се појавуваат и оние кои признаваат дека допингот со децении е познат и во германскиот фудбал. Паул Брајтнер, светски првак од 1974. година, за австриската тв-станица „Сервус ТВ" изјави: „Би било премногу дрско кога ние фудбалерите би се преправеле дека има допинг само кај атлетичарите и пливачите." Тој притоа конкретно се осврна на 1986. и 1987. година. „Секако, и во годините пред тоа, во кои имав увид, допингот беше тема во фудбалот. Оној кој не признава, за мене е лицемер", нагласи 61-годишниот поранешен фудбалер.

Toni Schumacher

Тони Шумахер

И германската фудбалска ѕвезда Харалд ’Тони' Шумахер во 1986. предизвика вистински скадал кога во својата книга „Анфиф" пишуваше за злоупотребата на лекови во клубовите во Бундеслигата. Тој извести за допинг и стимулативни средства. Потоа овој извонреден голман беше исфрлен од германската репрезентација.
Во секој случај едно е јасно: постојат бројни индиции за тоа дека „боговите во шорцеви" можеби сепак се само обични луѓе кои грешат и кои немаат надчовечка сила. Но дали нивната сила е дополнително засилена со илегални средства засега и натаму останува прашање на верување и доверба.