1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Човек се плаши од непознатото

Во градот Гелзенкирхен во покраината Северна Рајна Вестфалија постои еден посебен интеррелигиозен проект. Покрај црквата привремено стојат синагога и џамија, за посетителите да можат да остварат контакт со другите вери.

default

Црквата „Светиот крст“ во Гелзенкирхен

Низ цела Германија постојат бројни меѓурелигиозни проекти, чија цел е поттик на дијалогот меѓу различните религии. Во градот Гелзенкирхен во покраината Северна Рајна Вестфалија постои еден посебен интеррелигиозен проект. Целта е надминување на меѓусебните бариери меѓу Евреите, муслиманите и христијаните и јакнење на заедништвото.

Синагогата и џамијата во Гелзенкирхен всушност се во големина на дневна соба изградена од дрво и стакло. Проектот е заедничко дело на евангелистичката, еврејската и муслиманската заедница. Трите божји куќи нудат културни понуди како музика, изложби и посети за ученици. На таков начин треба да се надмине отуѓеноста меѓу верниците и атеистите и припадниците на различни религии, особено кај трите т.н. Аврамски религии. Пасторот на црквата, Томас Шепф има уште поголема цел:

„Овие три објекти ги изградивме за да ги поттикнеме луѓето да размислат околу прашањето - како може да изгледа соживотот на религиите? Се надеваме, дека ова ќе биде позитивен импулс, се работи за почеток на дијалог.“

Гелзенкирхен - свет во мало

Heilige Bücher der Religionen, Bibel, Koran, Tora

Во градот Гелзенкирхен живеат луѓе од околу 130 националности, тој е навистина мешавина од култури и религии.

Еркан Агирбас, архитект со турско потекло, ги изработи архитектонските предлози за синагогата и џамијата на доброволна основа. Неговата намера била живеењето едни покрај други на припадниците на трите религии да го претвори во заеднички соживот. Толеранција и прифаќање наместо отуѓеност и недоверба. Еркан Агирбас пледира притоа за модерни форми на верските објекти:

„Објектите се така конципирани, да ги содржат симболите од својата религија. Но, покрај тоа внимававме да не влегуваме во нивна историзација, туку се обидовме преку апстрактната форма на посетителите да им понудиме слика која би претставувала есенција на ваков објект. Така што, оној кому таа религија му е нешто туѓо, да може брзо и лесно да ја разбере благодарение на она што транспарентно го гледа пред себе.“

Со знаење против предрасудите

Во трите верски заедници заедно со посетителите се дискутираат разликите и сродностите од трите религии. Така ќе биде подобрен соживотот во градот и растерани растечките стравови кон другите религии. Зашто, оној кој знае повеќе за другиот, кон него има помалку предрасуди и одбивност, смета Чесур Ецкаја, претседател на турско-муслиманската заедница ДИТИБ во Гелзенкирхен:

„Некои се плашат од муслиманите, зашто немаат доволно информации за нивниот начин на живот, за тоа што им кажува Коранот. Мора да постои размена на искуства, да се разбијат предрасудите, а со нив и стравовите.“

И Јудит Нојвалд Тасбах, претседател на еврејската верска заедница во градот, има позитивен биланс:

„Во Германија живеат околу 120 илјади луѓе со еврејска вера. Затоа многумина не знаат доволно за неа. Во секојдневието ретко некој има можност да сретне некој Евреин. Овој прекрасен проект ќе помогне можеби да се направи увид, да се дознае повеќе за еврејскиот живот, за да се констатира дека тој не е толку необичен“.

Кон крајот на овој месец синагогата и џамијата ќе бидат демонтирани и префрлени во Истанбул, културна престолнина на Европа за 2010 година, за повторно да бидат изложени и тоа како трио, овојпат во близина на православна црква.

Автор: Езлем Учучу/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев