1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Човекот кој живее како во 1900 година

Еден млад германски градинар во време на технолошки бум одлучи да живее како штосе живеело на почетокот на минатиот век. така е опремен неговиот стан а соодветна на тоа време е и неговата облека.

Оној кој ќе влезе во домот на Флоријан Шмиц, се чувствува како во времето од пред 100 години. Овој 23-годишник се заљубил во германската историја уште на 14-годишна возраст.

„На почетокот купував облека која беше кроена како во старите времиња. Потоа дојде купувањето стари предмети. На крајот почнав да купувам и мебел и да носам фризура како во старо време.“, вели Шмиц.
Варењето кафе кај Флоријан Шмиц трае малку подолго од обично. Тој рачно го меле кафето. „Секој може да притисне копче. Лично не припаѓам на луѓето кои сакаат да бидат како другите. Морам да признаам тоа добро ми одговара".

Флоријан Шмиц нема желба за стрес кој е денес присутен во општеството. Неговиот часовник работи поинаку, пред се'- побавно. Неговите пријатели се навикнати на тоа. „Пријателите таков ме запознаа. Поинаков не ме познаваат.“

Оваа машина за шиење работи со педали како што инаку и работела техниката во почетокот на 20-тиот век. За жал, мора да готви на струја, бидејќи во станот не може да стави печка на цврсто гориво. Инаку и би се греел како некогаш.

„Кога би се прашувал јас, би ставил печка на јаглен. За жал, во овој стан тоа не е можно.“
Меѓутоа, кога станува збор за модата, Флоријан Шмиц е доследен. Тој носи само она што се носело пред 100 години. На пример, карирани панталони со прерамки или едноставни кошули. Така облечен оди на работа, ги посетува пријателите и роднините. „За мене е важно тоа да биде онака како што се носело некогаш. Тогаш луѓето не можеле да избираат дали ќе облечат фармерки или нешто друго. Имале само ваква облека. Тоа ми е важно, треба да биде автентично.“
Поради љубовта кон старото време Флоријан Шмиц стана еден вид чудак. Многу Германци се скарани со својата историја. Луѓето често го гледаат попреку или дури го навредуваат.

„Еднаш шетајќи забележав дека еден човек кој ми доаѓаше во пресрет чудно ме гледа. Кога ми се приближи ме поздрави како што некогаш го поздравувале Адолф Хитлер.“

Флоријан Шмиц со Хитлер и нацизмот нема никаква врска. Тој само се интересира за почетокот на 20. век кога светот, според него, се‘ уште бил во ред. Наместо лап-топ тој користи машина за пишување.

„Во тоа време луѓето имале навистина поголем мир. Тоа време не било хектично како денес, кога сите се жалат од стрес. За такво нешто немам желба.“ Книги наместо телевизор. Клавир наместо музички апарати. Флоријан Шмиц се опушта со класична музика и сонува за животот пред нашето време.