1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Човековите права - успешна замисла или неисполнето ветување?

На 10. декември 1948 година земјите-членки на Обединетите нации ја усвоија Универзалната декларација за човекови права. Кој колку ги почитува темелните права на човекот 60 години подоцна?

default

Улица на човековите права во Нирнберг

Декларацијата беше одговор на кошмарот, на искуствата со масивни неправди во тоталитарните држави на 20-от век. Тоа беше одговор на Втората светска војна и на варварското владеење на германските националсоцијалисти, на геноцидот врз европските Евреи.

Тоа беше пресвртница во историјата на човештвото, нешто сосема ново, кога во 1948 година Еленор Рузвелт во Генералното собрание на ОН во Париз ја прочита „Универзалната декларација за човекови права“. Државите за првпат се договорија за универзален вредносен систем, кој ќе важи за сите луѓе и сите држави. Еленор Рузвелт тоа вака го објави:

„Член 1... Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по своето достоинство и п своите права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на братство.“

Eleanor Roosevelt

Елеонора Рузвелт зборува за човековите права на Сорбона во септември 1948 година

Темел за основните права

Генералното собрание на ОН во 30 члена ги прокламира класичните права на слобода, како и економските, социјални и културни права. Тие на почетокот не беа законски обврзувачки, а денес се претежно израз на меѓународното обичајно право. Но, дали тие навистина се спроведуваат во пракса? Хајнер Билефелт, раководителот на германскиот Институт за човекови права, еден од многуте национални институти за човекови права кои се појавија во меѓувреме, прави разлика меѓу очекувањата и реалноста: „Се’ уште се случува кршење на човековите права. Светот и човештвото не се подобриле, но значително се подобрила можноста за политичко справување со овој проблем...“

Денес тоа го овозможуваат бројните договори за човекови права. Секако, дел од успехот на Универзалната декларација е востанувањето на институциите и нормите за човекови права во системот на ОН.

Europäischer Gerichtshof weist Klagen von Bodenreformopfern zurück

Институции има доволно: Европскиот суд за човекови права во Стразбур

Создадени се два голема основни столба, Пактот за граѓански и политички права и Пактот за економски, социјални и културни права. Покрај тоа направени се и бројни спогодби за правата, за будењето на свеста и дијалогот за човекови права.

Но, она што е најважното е што по Светската конференција за човекови права на ОН, во 1993 година во Виена, работите почнаа забрзано да се менуваат. Човековите права се подобрија и станаа поинтегриран составен дел од целокупната работа на Обединетите нации. Според Мортен Кјаерум, директор на Агенцијата за основни права на ЕУ со седиште во Виена, тоа поттикна и други успеси ширум светот.

„Уште во 1990 година имавме пет институции, кои беа во служба на набљудување и почитување на човековите права. Во 1990 година имавме само пет такви институции и тоа ширум светот, а денес има повеќе од 100. Повеќето од нив се со седиште надвор од Европа. Според моите проценки, денес во Европа има можеби десет такви институти, но поголем дел од нив работат во Африка, Азија или Латинска Америка.

Logo des Vereins der Menschenrechte im Iran

Лого на здружение за човекови права од Иран

Таму се многу попотребни. Можеме да заклучиме дека дебатата за човекови права забележува напредок, пред се’ надвор од Европа. Но, изненадува фактот што десет години подоцна дебатата за човековитер права се враќа на стариот континент, каде судовите и политичарите отворено зборуваат за човековите права!“

Дилеми во денешно време

По 11. септември 2001 година, дотогаш важечките ставови за човековите права беа доведени во прашање. На пример, војната во Ирак, која ја водат САД против волјата на повеќето земји членки на ОН и без мандат од Советот за безбедност, кршењето на апсолутната забрана за измачување, но и непочитувањето на елементарните функции на државата за заштита на луѓето, која во денешно време испорачува лица осомничени за тероризам на нации кои не ја почитуваат забраната за измачување. И Германија е засегната од тоа.

UN-Hochkommissarin für Menschenrechte Louise Arbour

До неодамна Висок комесар на ОН за човекови права, Луиз Арбур

„ Безбедносното законодавство е област која за жал бележи уназадување. Никој не го оспорува фактот дека е потребно да дејствуваме против тероризмот. Но, де факто потоа повторно се случи она, за кое тогашниот германски министер за надворешни работи, Јошка Фишер по 11. септември рече дека е недозволиво, имено еден вид попуст за тероризмот, попуст за справувањето со тероризмот на сметка на човековите права“.

Под антитерористички мерки не подразбираме само конкретни кршења на човековите права. Во прашање се доведува и веродостојноста на Западните држави.

UN - Kommission für Menschenrechte

Пленум во Комисијата за човекови права со седиште во Женева

Тоа е случај на пример во новиот Совет за човекови права, каде во меѓувреме Западните земји се малцинство при гласањето. Освен тоа, се зголемува обвинувањето дека тие мерат со различни аршини и дека значително попуштил моралниот притисок врз помалку демократските земји и нивните проблеми со човековите права.

Советот за човекови права, политичкото тело за човекови права на ОН, претставува предизвик и за германската надворешна политика, изјави неодамна Франк-Валтер Штајнмаер на едно заседание на Советот за човекови права во Берлин:

„Знаевме за потешкотиите при неговото конституирање и сериозни сме кога велиме дека можеме и мораме да си ја претставиме работата како подобра и поефективна.

Bundesaussenminister und Vizekanzler Frank-Walter Steinmeier

Шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмајер

Отсекогаш била наша замисла Советот за човекови права да биде постабилна институција, отколку што беше Комисијата за човекови права. Се’ уште не е утврдено дали ова ќе се исполни, но се согласивме дека и понатаму ќе работиме на тоа“.

Денес ситуацијата потешка од пред 60 години

Пред 60 години оваа задача можеше полесно да се исполни: шокот од ужасите на 20-от век беше многу голем и тогаш ги обедини владите. На Земјината топка беа активни 56 држави за околу две милијарди луѓе. Денес, Организацијата на обединетите нации има 193 земји-членки и многу придружни набљудувачи. Светската популација порасна на околу седум милијарди. Климатските промени, глобализацијата, недостигот од храна, тероризмот и заканата од епидемии го конфронтираат човештвото со егзистенцијални проблеми, и затоа во интерес на сите луѓе и на нивните универзални права потребни се кооперација и соработка.

Нови предизвици

Токму во поглед на новите проблеми на човештвото, исто и научникот и раководител на германскиот Институт за човекови права, Хајнер Билфелт, смета дека е неопходна Универзалната декларација за човекови права и нејзиното универзално важење:

Amnesty International stellt Jahresbericht 2008 vor, Generalsekretärin Barbara Lochbihler

Генералниот секретар на германската секција на Амнести интернешенал, Барбара Лохбилер

„Значи имаме на што да се повикаме, имаме адреса на која можеме да упатуваме поплаки. Имаме институции, кои функционираат повеќе или помалку, кои се занимаваат со прашања од тој вид. Нашиот ангажман пред се’ е во цивилната и општествена сфера: организации за човекови права, Амнести Интернешнал, Хјуман рајтс воч и многу други. Значи, ако само за момент поверуваме во фикцијата дека сето тоа не постои, тогаш во однос на неправдите во светот ќе се чувствуваме уште побеспомошни отколку што сме.“

DW.COM