1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Членството во ЕУ ќе ги наруши економските слободи во Македонија

Канадски економист во разговор за агенцијата Миа тврди дека од економски аспект, членството во ЕУ не е од интерес на Македонија. Земјата може подобро да напредува без бариерите кои ги поставува ЕУ, вели тој.

Членството во Европската унија можеби е добра идеја за Македонија од гледна точка на политичка стабилност, пред се‘ во однос на соседите. Но, доколку тоа се прави од економски цели, подобро да не се влегува, смета Мајкл Вокер, канадски економист, основач и поранешен извршен директор на Институтот Фрејзер и еден од авторите на извештајот за Економски слободи во светот.

Неодамна објавениот извештај на овој институт ја рангираше Македонија на 71 место во светот по економски слободи, по скок од 20-ина места во однос на 2005. година, и Вокер предупредува дека обидите на Европската унија да се централизира и бирократизира и да ја контролира економијата на државите членки, може да го наруши постигнатото во земјите кои се обидуваат да се развиваат така што ќе ги ослободуваат своите економии.

„Има две одделни причини зошто земјите би сакале да влезат во ЕУ. Едната е да бидат признати како еднаква, нормална држава од страна на западните земји. Претседателот Вацлав Клаус велеше дека за Чешката Република и нивното членство, овој проект нема многу врска со економските приоритети, туку пред се‘ е проект за зачувување на некое чувство на политичка нормалност и припадност кон Западот. Тоа не треба да се отфрла како недостојна цел, и македонските граѓани треба соодветно да ја проценат. Но, од друга страна, мислам дека ако сакате да водите независна, слободна пазарна агенда во вашите економски реформи, тогаш членството во ЕУ не е добра идеја. Европскиот проект не се грижи за економските слободи, туку веќе работи на елиминирање на слободите, сака да созададе внатрешни пазари и бариери кон тие што се надвор. Има аргументи во прилог на членство, политичка нормализација и географска нормализација, и цементирање на независноста на Македонија во однос на некои од нејзините соседи. Но, ако тоа го правите од економски причини, тогаш веројатно на крајот на краиштата членството нема да биде во ваш интерес“, изјави Вокер.

Канадскиот експерт, заедно со Нобеловецот Милтон Фридман, е основач на индексот за Економски слободи изработуван од канадскиот конзервативен институт Фрејзер и мрежа од 80 сродни организации низ светот. Според него, по кризата во ЕУ, многу земји со право ја преиспитуваат својата одлука за членство.

„Веќе ги гледаме проблемите кои се појавија при економскиот крах. Секако, членките на ЕУ имаат можност да побараат субвенции од Унијата, но некои од членките сигурно веќе се прашуваат дали вредело тоа што го сторија. Тие беа поттикнати да влезат во еврозоната и да преземаат чекори кои немаше да ги сторат ако беа надвор од еврозоната. Загрижен сум од бирократизирањето на Европската унија и стравувам дека тоа ќе се покаже како неодржливо, дека притисокот на власта кој доаѓа и од Брисел и од одделните главни градови на членките ќе се покаже како едноставно премногу силен“, вели професорот Вокер.

Во последниот извештајот на институтот Фрејзер, за 2011. година, Македонија бележи високи оценки во регулаторните реформи, во банкарството, слободата на пазарот на трудот, леснотијата на отворање на бизнис и реформите за намалување и поедноставување на даноците. Негативните оценки се во судството и во големината на државниот сектор.