1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Членките на Пуси Рајот уапсени во Сочи

Двете активистки од панк-групата Пуси Рајот, Надежда Толоконикова и Марија Алехина, кои беа пуштени од работен логор на крајот на минатата година, денеска (18.02) се уапсени во Сочи.

Толоконикова и Алехина (на фотографијата), според сопствени наводи на Твитер, биле уапсени во центарот на Сочи и „обвинети за кражба“. Заедно со нив биле уапсени уште најмалку седуммина други активисти.

„Кога бевме уапсени, од наша страна немаше никакви активности, ние едноставно шетавме низ Сочи“, напиша Толоконикова на Твитер. Таа наведува дека со Алехина биле два дена во градот, посетиле повеќе натпреварувања и планирале да изведат песна со наслов „Путин ве учи на љубов кон татковината“.

Алехина исто така потврди дека е уапсена на оддалеченост од околу 30 километри од местата на одржување на Олимписките игри. Толоконикова тврди дека заедно со нив е уапсен и трет член на групата Пуси Рајот, но не наведува име.

Радикалната уметничка група Војна, која ја води сопругот на Толоконикова, Пјотр Версилов, соопшти дека заедно со двете членки на Пуси Рајот се уапсени уште седуммина активисти. Толоконикова на Твитер напиша и дека во неделата (16.02) била задржана од безбедносните власти седум часа, а во текот на вчерашниот ден десет часа.

Фотографот Јевгениј Фелдман, кој исто така е упасен, на Твитер соопшти дека образложението за апсењето е наводна кражба во хотел во Сочи.

Организацијата за човекови права Амнести Интернешнл побара итно ослободување на активистите кои се уапсени. Портпаролот на Амнести, Џон Далхуисен, изјави дека „олимписките прстени под палката на Путин стануваат лисици“.