1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Чија е грижата за заштита на Охридското Езеро?

Фален и оспоруван, колекторот за заштита на Охридско Езеро го издржа тестот на времето, но старее. Јапонија нуди десет милиони евра за негово осовременување и доградба.

default

„За чисто и бистро езеро“, со ова мото Охрид и Струга уште во осумдесеттите од минатиот век рекоа „да“ за изградба на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро од отпадни води. Колекторот во вид на прстен требаше да се протега околу езерото од македонска и албанска страна и отпадните води да стигнуваат до пречистителна станица кај селото Враништа, па во реката Црн Дрим. Сега во Македонија колекторот функционира од Пештани до Калишта во должина од околу четириесет километри со дванаесет препумпни станици. Во Албанија работите тапкаат во место. Колектор има само во Поградец и околината. За речиси две и пол децении колку што функционира,системот ги оправда очекувањата. Процесот на загадување на езерото е намален. Зачуван е квалитетот на водата и живиот свет. Неодамна Јапонија и Македонија во Токио на премиерско ниво договорија поддршка на еколошки проекти во износ од сто милиони евра.

Десет милиони евра за рехабилитација на колекторот

„Првично за заштита на Охридското Езеро се издвоени десет милиони евра, но сумата не е дефинитвна. Се‘ ќе зависи од физибилити студијата. Аплициравме во Јапонската агенција за соработка и очекуваме одговор“, вели Дејан Паноски од одделението за Дримскиот басен при Министерството за животна средина во Охрид. Јапонска делегација деновиве ги посети Охрид и Струга:

Mazedonien Samoils Festung

„Со Јапонците на терен ги увидовме сите проблеми со кои се соочува функционирањето на колекторот. Добро е што сите надлежни институции се едногласни дека на системот му треба рехабилитација и тоа најмногу во делот на влијанието на атмосферските и подземните води врз него. Разговаравме и за можностите за довршување на колекторот на источното и дел на западното крајбрежие на македонска страна. Ова е веројатно најголемата шанса оваа генерација да ја обезбеди иднината на Охридско Езеро и регионот", објаснува Паноски.

Иако, најавувани како донација, јапонските десет милиони евра, според извори на Дојче веле, најверојатно ќе бидат лесен кредит со долг грејс период и многу ниска камата. Но се поткрепа и сигнал за позитивна политичка клима меѓу двете земји.

Радожда и Трпејца молат за итна еколошка заштита

„Крајно сме загрижени што Радожда уште нема колектор и канализација.

Го развиваме туризмот, а користиме септички јами. Дел од нив се влеваат директно во езерото. Разнишана е природната рамнотежа. Секоја година се надеваме дека колекторот од Елен Камен ќе продолжи до нашата населба. Се работи за инвестиција од околу триста илјади евра“, со разочарување кажува Наум Кутаноски.

„Во Трпејца водата се‘ уште е најбистра. Но и ние бараме соодветно решение за отпадните води и канализацијата. Би било добро да го решиме овој проблем пред да стигне загадувањето“, вели Марјан Митрески .

Физибилити студијата од Градиште до Свети Наум веќе е готова. Поради непристапниот терен наместо со секундарниот колектор, најубавиот и најживописен дел од езерото еколошки ќе се заштитува со мини пречистителни технологии.

Ohrid See in Mazedonien

Умешно да се искористат грешките од минатото

Стручњаците бараат да не се повторуваат грешките од минатото. Како што беше на пример: бавно и етапно одвојување на фекалната и дождовната канализација. Уште лебди тезата дека колекторот требало да минува покрај брегот, а не низ срцето на Охрид. Така би бил пофункционален и далеку поекономичен. Дел од граѓаните често изразуваат сомнеж дали средствата што доаѓаат од странство правилно се инвестираат и трошат. Со години системот за заштита на Охридското Езеро од отпадни води е мета на препукување на локалните власти со државата. Одржувањето и струјата за негово функционирање се на товар на општините, односно заедничкото претпријатие МЈП „Проаква “. Охрид и Струга сакаат колекторот да биде грижа и на државата, а оттаму се противат. Ќе помагаат, но тврдат дека функционирањето на системот е обврска на локалните власти.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Ж.Ацеска