1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Чешкиот парламент се самораспушти

Чешкиот парламент со големо мнозинство гласаше за самораспуштање, со што се отвори патот за распишување нови избори. Изборите треба да стават крај на повеќемесечната владина криза во земјата.

Вкупно 140 пратеници од присутните 147 го поддржаа предлогот на трите најголеми партии. Беше потребно мнозинство од 120 гласови од вкупно 200 пратенички места. Социјалдемократите, најголемата опозициска партија и, според анкетите, партијата што има шанси да победи на претстојните предвремени избори, повикаа да се гласа за распуштање на парламентот, заедно со Комунистичката партија и централно-десничарската ТОП 09.

Претседателот на Социјалдемократската партија и најверојатно новиот премиер на Чешка, Бохуслав Соботка, ја поздрави одлуката како „јасна и одлука што треба сите да ја почитуваат“. Тој додаде: „Им даваме простор на граѓаните да одлучат за иднината на Чешка“.

Десно ориентираната влада, водена од Петр Нечас, ја презеде функцијата на парламентарните избори во 2010 година и падна во јуни годинава кога шефот на кабинетот на премиерот и воедно негова љубовница, Јана Нагиова, беше обвинета за поткуп и злоупотреба на функцијата. Откако Нечас се повлече, претседателот Милош Земан, кој е на функцијата од март како прв директно избран претседател, именуваше влада предводена од неговиот сојузник Јиржи Руснок. Назначена во јули, Владата ја загуби довербата на 7 август.

Според уставот, Земан сега мора формално да го потврди распуштањето и да предложи датум за избори во следните 60 дена. Тој минатата недела изјави дека, ако е потребно, ќе закаже предвремени избори на 25-26 октомври, преместувајќи ги многу порано од планираниот термин во мај 2014.

Анкета од агенцијата ППМ фактум покажа дека социјалдемократите би добиле 21 отсто од гласовите на предвремените избори, ТОП 09 би добил 10 отсто, а комунистите 9 отсто. Десно ориентитарните граѓански демократи, претходно водени од Нечас и единствената партија која не ја потпиша петиција за распуштање, би завршила со само 6 отсто, според анкетата спроведена од 12 до 16 август на 1.002 испитаници. Ваквото сценарио би значело дека комунистите ќе завршат на владејачката страна од парламентот првпат по 1990, една година по колапсот на комунизмот во поранешната Чехословачка, која се подели на Чешка и Словачка во 1993.