1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Чешкиот Берлускони чекори кон парламентот

Андреј Бабиш е милијардер, медиумски могул и популист. Тој е еден од кандидатите на изборите кои се одржуваат во Чешка. Според анкетите, Бабиш би можел да седи во парламентот во Прага и покрај неговото сомнително минато.

Девет часот наутро, утрински шпиц во Прага. Ескалаторот превезува река луѓе од железничката постојка во влезната хала на метрото. Таму чека Андреј Бабиш. Милијардерот облечен во црно води изборна кампања за неговиот политички проект АНО. Тој дели крофни.

Andrej Babis Wahlkampf Tschechien

Бабиш води изборна кампања во Прага

Бабиш е навикнат работите да течат брзо и ефикасно. Луѓето му ги земаат од рака кесичките со пецивото. Штом ќе се испразни еден картон, еден помагач му подава друг и му кажува со што се наполнети крофните. На минувачите Бабиш им се обраќа со „млада госпоѓице“, „бабичке“ или „шефе“. Тие се заблагодаруваат. Изборната програма речиси никого не го интересира.

Интриги и корупција

Бабиш е по потекло Словак со чешки пасош. Во 1990-те години ја создаде хемиската и империјата за прехранбени производи „Агроферт“ - во неа од изминатото лето се вбројува и германскиот синџир перкарници „Ликен“. Магазинот „Форбс“ го проценува неговиот имот на двe милијарди долари. Неодамна Бабиш купи два влијателни чешки дневни весници. Сега сака место во парламентот. Според последните анкети, тоа може и да му успее - со резултат меѓу 10 и 16 проценти.

Денеска (25.10.) и утре (26.10.) Чесите предвреме избираат нов состав на парламентот. Стариот се самораспушти. Точка на легислативениот период полн со корупциски скандали и распад на коалиции стави полициската рација во владиниот кабинет. Потоа изби пикантна афера на тајните служби и афера со поткуп, во која беше вмешана љубовницата и блиска соработничка на премиерот Петр Нечас. Заситеноста од политиката во Чешка е на рекордно ниво.

Државата како фирма

„Ние не сме политичари, ние работиме“, стои на изборните плакати на партијата на Бабиш - АНО. Политиката, тоа е свет на неисполнети ветувања, лаги, злосторства и корупција, вели Бабиш. „Јас доаѓам од светот на бизнисот“, раскажува тој додавајќи: „Таму сѐ функционира со подавање рака, Двапати не можете никого да измамите“.

Бабиш има намера да ја води државата како фирма. Како го мисли тоа? „Само идиот не разбира што тоа значи државата да се води како фирма“, е неговиот одговор. Станува збор за тоа да се генерира добивка и да се поддржат слабите. Бабиш ретко е поконкретен. Кога треба да ги опише неговите политички цели, скока од ЕУ-политика до закон за несолвентност, од словачки на чешки. Тој напаѓа и лево и десно. Ретко завршува една реченица.

Parlament Tschechien Prag

Чешкиот парламент во Прага

Многу работа

Бабиш кажува и работи како: „23 години трчавме во погрешна насока, мораме да почнеме да го менуваме тоа“ или „Нашата политика е едноставна, ние се држиме до нашите ветувања, ние сме првите кои го прават тоа по пресвртот“.

Луѓето ги сакаат приказните на човекот кој со сопствени сили стекна огромно богатство. Студентот Михаил Олиќ на железничката станица се фотографира со Бабиш. „Зад овој човек стои многу работа“, вели 23 годишникот.

Агентот Буреш

Бабиш израсна како син на чехословачки дипломати во надворешна трговија. Почетокот на неговата кариера е замаглен. На почетокот на 1990-те тој ја презема прашката филијала на концерот за надворешна трговија „Петримекс“. Словачките колеги тогаш говореа за грабеж. Бабиш меѓутоа никогаш не дојде во конфликт со законот поради неговите деловни практики.

Исто така и неговото минато во комунистичка Чехословачка е нетранспарентно поглавје. Пред две години излегоа документи од државната безбедност, во кои денешниот милијардер фунгира како „Агент Буреш“. Тој ништо не знаел за тоа, велеше Бабиш и тужеше. На сослушувањето во Братислава пред две недели Бабиш не дојде. Постапката е одложена за по изборите.

Како во Италија

Lukas Linek, Soziologe

Социологот Лукаш Линек

Аналитичарот Лукаш Линек знае од каде доаѓа успехот на Бабиш. Првично АНО започна како протестно движење, лево од политичкиот центар. АНО е всушност кратенка од „Акција на незадоволни граѓани“, кратенката значи и „Да“ на чешки. Непосредно пред новите избори тој се префрли на конзервативно-либерална политика и на своја страна ги привлекува разочараните избирачи на паднатата влада. „Тој говори за ефикасно водење на државата“, вели социологот Линек, „токму тоа сакаат да го слушнат луѓето со оглед на сета таа корупција“.

Линек смета дека наредните години Бабиш ќе биде важен играч во чешката политика. Концентрацијата на економска, медијална и политичка сила, според него, е опасна. „Тоа би можело демократијата, каква што ја имаме, да ја уништи. Силен економски шеф, кој раководи со државата во смисол на неговите државни интереси, како во Италија“.

Споредбата со Берлускони Бабиш ја отфрла. Да врши влијание врз неговите медиуми? Никогаш, вели тој на железничката и зема нова кутија крофни. Две млади девојки од Прага со насмевка ги земаат кесичките со логото на АНО. Бабиш зрачи.