1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Чешка ќе ја прекине прохибицијата

Чешката влада делумно ја повлече забраната за продажба на жесток алкохол. Алкохолните пијалоци кои се произведени пред 2012. година или имаат печат, смеат повторно да бидат продавани.

По двонеделната прохибиција од денеска во чешките ресторани и продавници повторно ќе се продаваат жестоки пијалоци.

Точниот временски термин на укинување на прохибицијата ќе биде соопштен денеска од министерот за здравство Леош Хегер.

Забраната за производство и дистрибуција на пијалоци кои содржат над 20 проценти алкохол во Чешка беше донесена по серијата труења од метанол од кој починаа 26 лица, а неколку десетици беа хоспитализирани.

Владата на синоќешната седница донесе одлука за ослободување на пазарот на алкохол произведен пред 1 јануари 2012. За алкохолот произведен по овој датум ќе биде потребно да се покаже неговото потекло.

Како дополнителна заштитна мерка, властите донесоа обврска секој произведен алкохол во иднина да поседува посебен формулар за потекло, а од вчера се произведени и нови маркици со кои се означуваат шишињата од новото производство.

Опасноста од труење со метанол се‘ уште трае и контролите по продажните места на жесток алкохол ќе бидат интензивни уште неколку недели.

Отворените шишиња со алкохол кои се наоѓаат во баровите и кафеаните ќе мора да бидат фрлени. Останатите затворени шишиња кои веќе се наоѓале кај сопствениците ќе мора да се тестираат во лаборатории.

За количеството алкохол кое ќе биде фрлени поради сомнителен состав на сопствениците ќе им биде вратена сумата платена за акциза.

Чешката јавност беше вознемирена од актуелната забрана, иако таа не важеше за познатите чешки пива и вина.

Чешката прохибиција не и‘ одговара на државата која од продажба на алкохол месечно остварува околу 30 милиони евра на име даноци. Во земјата, секојдневно се продаваат по 155.000 литри алкохолни пијалаци.