1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Чешка: Расте бројот на жртви од смртоносните алкохолни пијалоци

Бројот на починати од консумирање на фалсифани пиијалоци со метил-алкохол во Чешка се искачи на 30. Последна жртва е еден 66-годишен маж од Брно, јавија чешките медиуми. 85 Чеси и 4 Словаци досега морале на лекување.

Владимир испил само една чаша - Румот што го испил гледајќи фудбал, имал лош вкус. Сега Владимир лежи в болница.

Тој е слеп, тешко болен, како и повеќе од 20 Чеси само во неговиот крај.

„Беше како да се гаси светилка - одеднаш ја снема светлината , се’ стана сосем сиво. Потоа ќерка ми ме донесе овде в болница. Тука веќе гледав само уште силуети.“, вели Владимир дополнувајќи: „Сега се’ е целосно темно, веќе не си ја гледам ни ракава, воопшто ништо не гледам“.

Владимир барем остана жив. Секојдневно се јавува за нови смртни случаи, првенствено од истокот на Чешка.

Опасно по живот

Патолозите вршат испитувања на повеќе од 100 умрени во последните денови и уште еднаш ги проверуваат причините за смртта. Се’ уште има многу сомнителни случаи. Михал Кладик, лекар во болницата во Острава појаснува: „Симптомите се слични. Кај пациентите како прво се јавува проблем со очите, тие ослепуваат. Потоа метил-алкохолот го разорува мозокот, што доведува до несвестица и во најлош случај до смрт.“

Потрагата по фалсификуваните пијалоци продолжува. Полицијата преку звучници го предупредува населението: „Не пијте алкохол , особено вотка и рум, чие потекло не вие познато - тоа е опасно по живот“.

Чешка воведе прохибиција за високопроцентен алкохол, оти и натаму не е јасно каде се’ испорачале пијалоци двајцата што се осомничени дека ги фалсификувале. Владата заведе забрана за извоз, од продавниците се отстрануваат шишињата со жестоки пијалоци, а производителите зборуваат за катастрофа.
Катастрофа што можеше да се очекува. Во малите киосци жестоки пијалоци се продаваат за багателна цена. Секое четврто шише што е продадено во нив веројатно е фалсификат.

Поскапите се за многумина недостапни, а овде мало шише вотка чини 60 центи.
Илегалното производство на ракија е традиција, особено во селата во Моравија.

Оваа жена од регионот на чешко-словачката граница на галено ја викаат „баба сливка“. Таа прави ракија што инаку е забрането, но таа со децении и’ се спротивставува на забраната. Бабичката не ја продава својата сливова ракија, неа ја добиваат само пријатели и познати.
Смртоносните пијалоци се произведени индустриски. Двајцата осомничени како сторители во голем стил мешале алкохол, фалсификувале пијалоци и етикети.

За Павел Кадлец, производител на ликер, беше само прашање на време кога ќе се случи вакво нешто - наместо етанол во шишињата да се најде метанол.
„Во нормално претпријатие вакво нешто не може да се случи. Ние официјално купуваме суровини, сето уште еднаш многу внимателно се проверува. Грешката е настаната во некоја гаража, наместо етанол по грешка бил користен метанол, на пример средство за чистење на шофершајбни. Грешка во процесот на производство во некоја илегална дестилерија“, вели Кадлец.

Најсиромашните во најголема опасност

Страв завладеа во целата земја. Зденек и Дана сакаа да се венчаат, преку пријатели се снабдија со жестоки пијалоци и за да бидат сигурни ги дадоа на тестирање во лабораторија. „Инаку гостите ќе ги фати страв, затоа сакаме да одиме на сигурно“, велат идните младоженци.

Посебно се загрижени најсиромашните во Прага, кои немаат пари за да ги тестираат своите пијалоци.

Милан Моравек ни раскажува дека тие не можат да си купатскапи пијалоци.

Досега купувал шише вотка за две евра, сега не се осмелува.
„ Се плашам да се напијам една чашка. Веројатноста да се добие фалсификуван пијалок секако е минимална, но сега веќе не би купувал ништо“, вели Милан

Во Прага бармените протестираа против забраната за точење жестоки пијалоци.

Наместо на туристите да им продаваат скапи пијачки, тие можат да им понудат само пиво и вино. Тоа создава лошо расположение кај Чесите и кај туристите.
„Чесите се вистински лути. Со забраната за алкохолот одземен им е најомилениот спорт, па што може тогаш да се очекува“, вели еден жител на Прага.

„Но имаше преку 20 починати, државата сепак мораше да реагира?“,прашува негов сограѓанин.

„Знаете како е, за грешка на поединец сега мораат сите да трпат. Некој ги измешал бурињата и сега страдаат 10 милиони луѓе, кои се немоќни нешто да направат“.

Сега треба да бидат воведени нови даночни бандероли и докази за потеклото.

Само така означени шишиња со пијалок ќе можат да се продаваат и да се извезуваат во странство. Но, многумина веруваат дека ќе биде само прашање на време додека и тоа не почне да се фалсификува.

За Владимир промените на законот доаѓаат предоцна, тој веројатно засекогаш ќе остане слеп.