1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Чешка и натаму бара излез од политичката криза

Уште една бурна недела на чешката политичка сцена. Преодната техничка влада не доби доверба во парламентот. Експертите предупредуваат од поривот за поголема моќ на претседателот на државата.

Веќе 2 месеца чешката политика е во длабока криза. Во средата (07.08.) „штрајкуваше“ и техниката- на денот на гласање за доверба на преодната влада на премиерот Јиржи Руснок. Невремето ден пред гласањето ја парализира електронската машина за гласање во прашкиот парламент. Следеа: рачни пребројувања, вжештени дебати и одлагања.

Притоа резултатот всушност одамна беше познат: Членовите на предходната влада на десницата и на центарот се согласија да ја укинат довербата на административната влада. Таа е составена претежно од политички сојузници на претседателот на државата Милош Земан и против волјата на парламентарното мнозинство. На крајот 100 од 192 присутни пратеници гласаа против Руснок. Претседателот на Чешка, Милош Земан ќе ја остави сепак техичката влада да владее во оставка. Земан нема да именува нов премиер додека обвинителството не направи чекор напред во истрагата на корупциските спреги меѓу лобистите и политичарите во текот на претходната влада на десницата и на центарот на поранешниот премиер Петр Нечас.

Афера предизвика криза

Tschechien Vertrauensabstimmung

Шефот на преодната влада во Чешка , Јиржи Руснок

Политичките набљудувачи одамна предупредуваат дека Милош Земан има намера парламентарната Чешка Република да ја претвори во држава со претседателски систем: „Сведоци сме на апсолутна демонтажа на правната држава“, вели политикологот Владимир Дворжаков. Стратегијата на Земан е „неверојатно ризична“ и ја дестабилизира земјата.
Кризата започна кога Петр Нечас во средината на јуни беше приморан да поднесе оставка. Поради аферата за можна корупција на поранешните пратеници на Граѓанската демократска партија на Нечас, во што е вмешана и љубовницата на поранешниот премиер и долгогодишна шефица на неговиот кабинет Јана Наџова. Нечас поднесе оставка, а со него автоматски падна и владата.

Вонредни избори?

Претседателката на Долниот дом на чешкиот парламент Мирослава Нјемцова требаше да состави влада- барем според волјата на парламентарното мнозинство. Но Земан го именуваше својот некогашен министер за финансии, сега советник, Јуржи Руснок (52) за нов премиер и му довери да состави техничка, административна влада.

Tschechien Vertrauensabstimmung

Претседателот на Чешка, Милош Земан

Земан по именувањето на Руснок за премиер потсети дека владата на чело со Нјемцова би била и натаму влада на премиерот Петр Нечас, кој поднесе оставка поради корупцискиот скандал. Земан истакна и дека како прв директно избран претседател на својата земја себе може да си дозволи повеќе од претходникот.
Именување на техничка влада, против волјата на парламентот- иако Земан формално не презеде ниту еден чекор кој не беше во согласност со Уставот, предизвика длабоки поделби во парламентот и во рамките на политичките партии, затоа што пратениците не можеа да усвојат јасен став дали да почекаат до редовните избори на пролет идната година, или итно да го распуштат Долниот дом.

Политичката криза во Чешка така се продлабочи и сега е неизвесно дали ќе се најдат неопходите 120 од 200 пратеници колку што има во парламентот, за тој да се распушти и во рок од 60 дена сепак да се одржат вонредни избори.