1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Чеченските бунтовници ја отфрлаат одговорноста за уривањето на двата авиона

И по повеќе од 24 часа од уривањето на двата руски авиона, при што животот го загубија 89 лица, истрагата се уште нема јасни индиции за причините на несреќите

default

Истражната постапка се концентрира на повеќе можни причини, од терористички акт на Чеченските бунтовници, преку човечка грешка во одржувањето или управувањето на авионите, па се до технички дефекти, му реферираше генералниот јавен обвинител Владимир Устинов на претседателот Путин. Тој, пак, за денеска прогласи ден на жалост во цела Русија.

"Во моментов се иследуваат повеќе верзии, а главната гласи повреда на правилата за цивилна воздушна пловидба. Според анализата на деловите од урнатите авиони што се до сега пронајдени, не постојат индиции за терористички акт“ - посочи портпаролот на руските тајни служби задолжени за внатрешна безбедност, Сергеј Игначенко. Тој нагласи дека се испитуваат службениците на аеродромот Домодедово, од кој полетаа обата авиона, членовите на тамошните служби за безбедност, но истовремено се анализира и составот на горивото што било користено, а се проверува и техничкото одржување на леталата. Двете авио-компании, "Сибир" и "Волга Авио Експрес“ нагласуваат дека авионите биле редовно одржувани и се наоѓале во добра состојба.

Еден западен експерт за воздушен сообраќај во Москва нагласува дека е навистина многу мала веројатноста дека технички дефекти се причина за уривањето на авионите, кои кусо пред тоа полетале од ист аеродром. Освен тоа, фактот што остатоците од авионите се расфрлани на толку голем простор, укажува на претходна експлозија во воздух. А и тоа што двата авиона речиси истовремено се урнаа, укажува на намерно предизвикани несреќи.

Набрзо по објавувањето на информацијата за уривањето на двата авиона почнаа да кружат шпекулации дека станува збор за терористички акт од страна на чеченските бунтовници. Но, Ахмед Сакајев, портпарол на поранешниот чеченски претседател Масхадов ги демантира ваквите претпоставки:

“Сакам да им изразам сочувство на најблиските на сите жртви во оваа трагедија. Ги уверувам дека ниту Масхадов, ниту пак силите што му се верни, не се вмешани во оваа трагедија.“