1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Четири чекори до нов „Попком“

„Попком“ - најголемиот саем на музичката индустрија, минатата година мораше да биде откажан. Поради раширената пиратерија, музичките компании не можеа да си дозволат скап саем. Годинава организаторите имаат нов план.

default

Прва точка: Нова локација

Во монументалната сала за чекирање на берлинскиот аеродром Темпелхоф, кој од 2008 година веќе не е во функција, се среќаваат музичари, шефови на издавачки компании и претставници на музички продавници. Билетите се купуваат на поранешните шалтери за чекирање, издавачките компании се претставуваат во поранешните фри-шопови, додека аеродромската менза стана место за одржување на подиумски дискусии. Празните саемски хали од минатите години овојпат се историја.

Втора точка: „Заедно сме посилни“

Popkomm Berlin 2010

Новата локација наиде на одличен прием кај посетителите

Наместо досегашниот вообичаен саем на музичката индустрија, паралелно со „Попком“ годинава се одржува и Берлинската музичка недела. Во нејзини рамки се одржуваат концерти низ цел Берлин. Даниел Барковски, проект-менаџер на Попком објаснува:

„Овде има се`, бизнис и фестивал, музиката повторно ќе може да се доживее. Саемот на аеродромот Темпелхоф е центарот на Берлинската музичка недела, каде секој треба да помине, независно дали е само музички фан, музичар или бизнисмен. Концептот е уникатен и мислам дека во иднина сите слични манифестации треба вака да изгледаат“, вели Барковски. Стратегијата се покажа како успешна - годинава се издадени сите штандови.

Трета точка: „Попком“ е отворен за сите

Уште еден новитет годинава, чија цел е заживување на „Попком“, е тоа што саемот веќе не е наменет само за луѓето од браншата. Како и кај повеќето други саеми, од оваа година има ден за посетители. Тоа значи дека секој заинтересиран може да прошета по штандовите на „Јуниверзал мјузик“ или „Јутјуб“. А со тоа саемот привлекува уште повеќе музика. Самуел Харфст, млад композитор од Хесен, ќе се обиде да го сруши светскиот рекорд и пред влезот на аеродромот Темпелхоф сака да го одржи најголемиот уличен концерт досега.

Четврта точка: Нема веќе самосожалување

Popkomm Berlin 2010

„Попком“ годинава отворен за сите - штандот на Пол Ван Дајк

Одамна стана јасно дека слабиот профит од продажбата на музика не се должи само на нелегалното симнување од интернет, туку издавачките компании делумно се и самите виновни, бидејќи предоцна реагираа на можностите за дистрибуција, што ги нуди глобалната мрежа.

„Во меѓувреме давам сто евра за концерт на У2, но затоа не купувам цедеа, туку преку Ајтјунс симнувам по неколку песни. Сметам дека луѓето и натаму ги даваат истите пари во музичката бранша, само на различни места. Индустријата мора да го сфати тоа и да се промени, а веќе и го прави тоа“, вели Феликс Хас, кој е сопственик на онлајн продавницата „Амиандо“, специјализирана за интернет-продажба на влезници за концерти и разни други случувања.

Освен тоа, музичката бранша во голем дел веќе и целосно се регенерира од ударот што и` го зададе интернетот. Иако продажбата на цедеа и натаму опаѓа, во меѓувреме компаниите повторно почнаа да касираат големи суми од легалната продажба на музика преку интернет. Само во 2008 година е остварен плус од 32 проценти. Се чини дека со иста ваква успешна приказна ќе може да се пофали и годишниот саем „Попком“ во Берлин.

Автор: Надине Војчик/Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска