1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Чесите избираат нов претседател

Во Чешка денеска се избира наследник на претседателот Вацлав Клаус. Се очекува изедначена трка меѓу двајцата кандидати, Карел Шварценберг и Милош Земан. Избирањето првпат е директно од граѓаните.

Околу 8,4 милиони чешки гласачи треба да решат дали земјата во иднина че ја води левиот популист Милош Земан или конзервативниот министер за надворешни работи Карел Шварценберг. Во вечерните часови ќе се знае идниот претседател на Чешка, кој ќе го наследи Вацлав Клаус, кој на претседателската функција беше два мандата по пет години и според Уставот не може повторно да се кандидира.

По првиот изборен круг кој се одржа на 11 и 12 јануари меѓу девет кандидати најголем број на гласови освоија поранешниот премиер и поранешен шеф на социјалдемократите Милош Земан и актуелниот министер за надворешни работи Карел Шварценберг.

Левичарскиот претседателски кандидат Земан освои 24,21 проценти од гласовите додека за конзервативецот Карел Шварценберг гласаа 23,40 отсто од избирачите. Бидејќи битката за тоа кој ќе биде нов станар во познатиот Прашки замок е речиси изедначена, двајцата кандидати со секојдневни интервјуа и соочувања се трудеа да ги придобијат гласовите на помалку успешните кандидати или неопределените гласачи кои ги има околу 50 проценти.

Последната анкета покажува дека Земан со поддршка од 50 проценти е во предност пред Шварценберг за кого се изјасниле 46 проценти од Чесите кои имаат право на глас.

Ова се први историски претседателски избори на кои чешките граѓани гласаат за претседател на државата. Претходно, шефот на државата се бираше во сложена постапка од двете комори на Парламентот. Надлежностите на новиот претседател на Чешка, кој има плата од 186.300 круни месечно (7.500 евра) не се занемарливи.

Тој има право да именува и отповикува членови на Владата, судии, претседател и заменик на претседателот на Уставниот суд и назначува претседател и заменик претседател на Врховниот суд. Шефот на чешката држава простува и ублажува казни изречени од судот и може да го распушти Домот на пратениците. Тој потпишува закони и има право да го врати на повторно разгледување еднаш усвоен закон од парламентарците, со исклучок на уставот. Претседателот на државата, исто така, именува претседател и заменик-претседател на Врховната ревизорска

канцеларија и членови на одборот на Чешката народна банка. Самостојна Чешка досега имала двајца претседатели. Прв претседател на Чешка беше Вацлав Хавел, кој почина на 18 декември 2011 година.