1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Челзи го продолжи проклетството на Бенфика

Лондонската екипа ги обедини двете титули во европскиот клупски фудбал, откако синоќа (15.05) во финалето на Лига Европа ја совлада Бенфика со 2:1. Челзи е и актуелен европски шампион.

Со голот на српскиот репрезентативец Бранислав Ивановиќ во последната минута од судиското надополнување екипата на Челзи ја освои титулата во второто по квалитет европско фудбалско клупско натпреварување - Лига Европа.

Со триумфот Челзи стана првата екипа која успеала едноподруго да се закити со двете најпрестижни титули во европскиот фудбал.

Поразот, особено со гол во последната минута, беше незаслужена казна за фудбалерите на Бенфика, кои во поголемиот дел од мечот беа подобар противник, го контролираа темпото на мечот и имаа далеку повеќе шанси за гол. За Бенфика ова беше седми последователен пораз во финале на некој европски куп. „Проклетството“ на Бенфика трае веќе речиси 50 години.

Првото полувреме од натпреварот кој се играше на преполната Амстердам арена, мина во доминација на Бенфика, но заврши без голови и покрај неколкуте изгледни шанси на Португалците.

Fußball Europa League Finale Chelsea Benfica Lissabon

Ивановиќ го прославува победоносниот гол

Вториот дел започна речиси на истиот начин, но додека Бенфика напаѓаше, Челзи преку контранапад дојде во водство. Во 60- та минута, голманот на Челзи Петр Чех успеа директно да го проигра напаѓачот Фернандо Торес, кој го мина голманот на Бенфика и го доведе својот тим во водство. Радоста на Челзи траеше кусо. Во 68. минута, Аспиликуета играше со рака во својот шеснаесетник, по што Оскар Кардозо го израмни резултатот со удар од белата точка.

Следуваше период на рамноправна игра, во која никој не сакаше премногу да ризикува во очекување на продолженија. Но, одлуката дојде во судиското надополнување. По корнерот за Челзи, Ивановиќ скокна највисоко во казнениот простор на Бенфика и со одличен лоб-удар му ја донесе титулата на британскиот тим.

Со триумфот Челзи стана четвртиот клуб во историјата на европските купови, кој победил во сите три големи европски натпреварувања. Другите три клуба се Јувентус, Ајакс и Бајерн Минхен.