1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Чекор понапред кон свет без атомско оружје?

Земја која не поседува никакво атомско оружје и се придржува кон договорот за неширење нуклеарно оружје, не треба да стравува од американското атомско оружје. Вака гласи новата стратегија на американскиот претседател.

default

Американскиот претседател Барак Обама

Американската влада со задоцнување ја претстави својата нова атомска одбранбена стратегија. Таа всушност требаше да биде објавена уште на почетокот на годината, но сега доаѓа токму пред самитот за безбедноста од атомско оружје, кој ќе се одржи наредната недела во Вашингтон. Причината за одложувањето беа пред се‘ жестоките дискусии во тимот на Обама. Некои од советниците се плашеа дека Обама прави премалку измени во постојната стратегија, други беа загрижени дека се направени премногу отстапки, кои можат да ги охрабрат американските противници. Произлезе компромис, среден пат, како што го нарече Барак Обама во интервју за „Њујорк тајсм“.

Чекор до целта

Во документот САД се обврзува да не употребува атомско оружје против земји кои не го поседуваат и кои се придржуваат кон договорот за негово ограничување. Тоа треба да важи и во случај САД да бидат нападнати со биолошко или хемиско оружје. Обама наведе и исклучоци: кога се работи на пример за држави како Иран или Северна Кореја, или за напади со биолошко оружје од катастрофални размери.

Со својата нова стратегија Обама направи чекор понапред кон својата цел за свет без атомско оружје. Од владини извори се дознава дека САД не се обврзуваат цврсто на повлекување на околу 200 тактички атомски глави, стационирани во Европа, за нив ќе се водат разговори. Тоа значи дека ниту Германија засега нема да биде земја без атомско оружје, во неа според проценките се наоѓаат уште околу 20 атомски боеви глави.

Новата американска атомска одбранбена стратегија јасно покажува дека САД сметаат на изменета положба во светот-традиционалните ривали како Кина и Русија не се сметаат толку како опасност, туку сега таа се гледа пред се‘ во т.н. непресметливи земји и терористичките групи. Во документот од 80 страници стои и дека САД не планираат развој на ново атомско оружје. Претседателот Обама меѓутоа го нагласи задржувањето на инструментите нужни за американскиот народ да биде заштитен.

Аналитичарите не гледаат целосен пресврт

Многумина аналитичари во Вашингтон во новата американска атомска стратегија не гледаат комплетен пресврт. Експертот Џорџ Перкович прави споредба со француската револуција: „Овде нема нов Робеспјер кој извикува -долу со оружјето, сега ќе постапуваме сосем поинаку.“

Во документот на пример не стои дека единствената цел на атомското оружје е одвраќањето, туку дека тоа е важна цел, што е мала, но важна разлика. Освен тоа, американското атомско оружје и натаму останува во состојба на постојана готовност, според желбата на војската. Аналитичарите оценуваат дека документот е претпазлив. Очигледно, Обама не сака да ги разлути Републиканците, зашто нивните гласови во Конгресот му се потребни за ратификацијата на договорите за разоружување.

Автор: Сабине Матеј/Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска