1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Чекор напред, два назад, два напред, еден назад...

Неусвојувањето на законот за антидискриминација по европски терк е показател за многу подлабоки реформски и политички проблеми во Македонија, оценува во интервју за Дојче веле, известувачот во ЕП, Зоран Талер.

default

Со инаетењето околу сексуалната ориентација, Македонија покажува дека не ги почитува европските правила на игра. Известувачот во Европскиот парламент Зоран Талер ја критикува и изјавата на македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски дека ставовите за сексуалната ориентација се идеолошки. Талер потсетува дека ова е барање на самата Европска комисија.

Zoran Taler

Зоран Талер

„Кога еврокомесарот за проширување или амбасадорот на ЕУ во Скопје нешто изјават, тоа не се партиски линии или ставови, постојат стандарди и околу ова прашање работите се расчистени во ЕУ и на суд и во конвенциите и секаде. Ние во ЕУ сме загрижени за ова што се случува околу законот против дискриминација, најмногу затоа што ова е опасен симптом - нема врска што е европската регулатива, ние имаме свој став и го правиме ова од инает... Ова е многу негативен сигнал. Имаше јасни предупредувања, ова се дискусии кои во ЕУ се водеа пред 20-30 години и сега во ЕУ имаме стандард на кој сите се придржуваат - и Полска и Португалија и сите други.“

Општи симптоми на незадоволство кај Албанците

Европските претставници во Брисел се се‘ поразочарани од Македонија откако е дадена препораката за преговори лани, иако постои објективна причина за намалување на мотивацијата, а тоа е грчката блокада. Но, тоа не е се‘:

„Другата причина е што ова забавување им дава повеќе простор на оние кои имаат своја агенда, кои не веруваат дека интегрирањето во ЕУ е од витален интерес за Македонија и од некој инает тераат по свое. Оваа година ќе има повторно извештаи. Се гледа дека трендот не е веќе оптимален како што беше пред една година. Се надеваме дека ќе има напредок во спорот со Грција. Македонија би направила за себе најмногу доколку продолжи да го тера јасниот проевропски пат. Со тоа ќе го разоружа својот јужен сосед. Во спротивно, им дава аргументи на Грците.“

EU Flaggen im Wind Symbolbild

Загриженост во ЕУ поради тоа што се случува околу законот против дискриминација во Македонија

Коментирајќи ја изјавата на Арбен Џафери за можно повлекување на потписот од Охридскиот договор, Талер предупредува дека тоа е показател оти постои незадоволство: „Оваа изјава е опасна, но е исто така симптом на незадоволство за тоа колку се исполнува Рамковниот договор. Ова го гледам ова како општ симптом на незадоволство кај Албанците, за тоа мора да се биде свесен, оваа пат-позиција, ова ненапедување има реперкусии и по ова прашање. Искуството од пред 9 години треба да биде големо предупредување.“

Според Брисел, Македонија потфрла на планот на европските интеграции од почетокот на оваа година. Ова е став и на еврокомесарот Штефан Филе, во интервју за дописничкото биро на германски ВАЦ денеска. По позитивната оценка во извештајот на Брисел лани, Македонија сега ризикува да се врати неколку чекори назад.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска