1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Чекорот напред во евроинтеграциите не треба да биде поради охрабрување

Секој нов чекор во процесот на евроинтеграции мора да дојде како резултат постигнат од една земја, а не да служи само за охрабрување за да се постигне напредок, смета белгискиот шеф на дипломатијата Дидие Рејндерс.

„Кога следната година ќе се одбележува стогодишнината од почетокот на Првата светска војна, ЕУ нема да може да каже дека успеала во потполност да го интегрира целиот Балкан“, смета белгискиот шеф на дипломатијата Дидие Рејндерс и за Дојче веле додава: „Постојат геополитички, историски, но и логички предизвици за развој на ЕУ. Тој процес има свои правила, кои се однесуваат на почитување на политичките и економски критериуми. Кога станува збор за Србија, односите со Косово се она што е дирекно пред нас“.

Прашањето за проширувањето на ЕУ ќе се најде на дневниот ред на состанокот на европските шефови на дипломатијата, одговорните лица за европските прашања, но и лидерите од ЕУ. Самитот е во декември во Брисел. Тогаш треба да се разгледа напредокот и идните чекори кои земјите треба да ги направат во процесот на евроинтеграциите.

И додека во Белград се очекува, според зборовите на српскиот премиер Дачиќ, дека некои држави-членки пред декемврискиот Совет ќе усогласат заеднички пристап, со кој би се „поттикнала што попозитивна одлука и напредок во процесот на евроинтеграции на Србија“, шефот на белгиската дипломатија вели дека се’ уште се чекаат „проценки од Европската комисија и Кетрин Ештон“.

„Не верувам дека отворањето на нова интеграциска етапа би требало да биде со цел охрабрување. Новата етапа би требала да биде цел на процесот, во неа да се мине кога ќе бидат исполнети критериумите врз основа на реален напредок“, вели Дидие Рејндерс.

Hashim Thaci mit Catherine Ashton und Ivica Dacic

Хашим Тачи, Кетрин Ештон и Ивица Дачиќ

Се бара стабилизација меѓу Србија и Косово

Земјите членки на ЕУ, според зборовите на Рејндерс, чекаат да видат конкретен напредок во односите меѓу Белград и Приштина. „Она што го бараме во моментов е дијалог и решавање на некои ситуации“, вели Рејндерс и додава: „Во прво време не се бара признавање. И земјите-членки на ЕУ се поделени за тоа прашање за Косово. Но, ако дојде до стабилизација меѓу Србија и Косово, тоа за многу работи ќе овозможи поедноставен живот“.

Од друга страна, белгискиот шеф на дипломатијата ја истакнува и важноста на позитивниот пристап, кој се однесува на почитувањето на преземените обврски од страна на земјите-членки.

„Она што ме изненади на Советот, кој се одржа минатиот декември, е дека имав впечаток оти се додадени некои услови на она што веќе беше барано од Србија“, вели белгискиот министер за надворешни работи.

Дидије Рејндерс притоа ја нагласува и важноста од „јасна мапа на патот“, врз основа на која ќе може да се провери и констатира направеното, што понатаму би овозможило отворање на поширок процес на евроинтеграции за една земја.