1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Цути бизнисот на авиопроизводителите

Високата цена на нафтата за сега не влијае врз авопроизводствената бранша. Економични и еколошки авиони се најбараниот производ на авио саемот во британскиот Фарнборо во близина на Лондон.

default

Авионот на Ербас од типот А-380 се претставува на саемот во Фарнборо

Кризата со цената на нафтата во светот и финансиската криза засега не влијаат врз пазарот на авиони. Според проценките на американскиот производител Боинг, а тие порано се докажаа како точни, во наредните 20 години овој пазар ќе бележи раст со просек од 5 насто годишно. Токму кризата наметна потреба од нови, поекономични авиони.

„Има многу американски, британски и европски авиокомпании кои сакаат дел од флотата да ја заменат со авиони кои се поекономични за 15 до 20 проценти, трошат помалку керозин и продуцираат помалку издувни гасови“ - вели Чет Фалер, претставник на американскиот концерн „Џенерал Електрик“, лиферант за авио-индустријата. Тоа се покажува и на саемот на авиони, што неделава се одржува во Фарнборо кај Лондон, каде акцентот е ставен токму врз такви авио-ни.

Високи прогнози

Боинг во долгорочната прогноза смета дека до 2027-ма година ќе бидат испорачани 29 илјади нови авиони во вкупна вредност од околу 2 билиона, односно две илјади милијарди евра. Мали, регионални авиони со капацитет од помалку од 50 седишта, ќе играат се’ помала улога, оти се нерентабилни.

Bildgalerie ILA in Berlin 2006 Boeing

Авион на Боинг

Кај оние над 100 седишта, засега речиси монопол на Боинг и европскиот Ербас, во иднина се очекува конкуренција од Русија, Кина и Јапонија.И натаму ќе доминираат авиони од категоријата на Боинг 737 и Ербас А 320, потоа широкотрупни со седишта во три реда, за 200 до 400 патници, и на крајот двокатните, како огромниот А 380 и модернизираниот Боинг 747 - 8, со продолжен горен кат.

„Печатот најмногу се интересира за најголемите, но во изминатите осум години од стартот на програмата за А 380 се нарачани вкупно 14 илјади авиони, од нив само 400 многу големи“ - напомнува Ренди Тајнсет, шеф на маркетингот на Боинг.

И Боинг и Ербас склопиле големи зделки

Во Фарнборо Боинг соопшти дека добил нарачка од Дубаи за преку 50 нови авиони во вкупна вредност од околу 4 милијарди долари. Ербас извести за нарачка од Саудиска Арабија од 1,6 милијарди долари. Севкупно во првата половина од годинава европскиот производител продал 525 авиони; зделките вредат 39 милијарди евра. Неговиот удел на светскиот пазар изнесува 52 процента. Продажен шлагер е моделот А 320, со 335 нарачки, од новиот модел за долги релации А 350 се нарачани 82 авиона, а од најголемиот, А 380, само три. Во моментов Ербас и Боинг водат битка околу нарачката на авиони - летачки цистерни за потребите на американската војска. Првобитно тендерот го добир Ербас заедно со американскиот партнер Нортроп Грумен, но по жалба на Боинг решението е поништено и тендерот ќе биде повторно распишан.

Долгорочните прогнози се правени врз калкулации со сегашната цена на нафтата за неколку наредни години, а на долг рок со просечна цена од 70 до 80 долари за барел.