1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Црн петок за „црниот понеделник“

Иако Комисијата не постигна договор за извештајот за 24 декември во договорениот рок (23. 08.), се најавува дека разговорите ќе продолжат.

Без финален резултат заврши вчерашното, речиси целодневно заседавање на Комисијата задолжена да подготви извештај за настаните што се случија пред и во Собранието на 24 декември минатата година. Тимовите до доцна ноќеска се обидуваа да се усогласат околу правните и спорните формулации, но нивните напори не завршија со успех до крајот на предвидениот рок- 23 август.

„Доколку до тој рок не биде постигната согласност, ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение", нагласија во заедничко соопштение Груевски и Заев по средбата во минатиот понеделник (19.08).

Разговорите продолжуваат?

Претседателот на Комисијата, Борче Давитковски, кој тогаш беше оптимист дека партиите ќе стават потпис на извештајот, синоќа изјави дека оптимизмот го напуштил, но не означи и крај на разговорите.

Borce Davitkovski

Претседателот на Комисијата, Борче Давитковски

„И покрај многу напори, останаа неколку отворени прашања. Сега се отворени сите опции, се надевам дека ќе најдеме сили да ја решиме оваа работа. Средба со лидерите на партиите најверојатно ќе нема, ќе се обидеме во состав на комисијата да ги решиме спорните прашања", изјави Давитковски.

За разлика од Давитковски, кој вели дека се „отворени неколку прашања", извори во Комисијата, велат дека е спорно само едно прашање - формулацијата за отстранувањето на новинарите од Собранието.

Наводно, членовите на ВМРО - ДПМНЕ прифатиле да се констатираат елементи на прекршување на Уставот при отстранувањето на пратенците од собраниската сала, но не се согласувале таква уставна повреда да се утврди и во случајот на новинарите отстранети од парламентот. Бидејќи ова била единствената точка на несогласување поради која Комисијата не ја заврши работата во договорениот рок, се договориле разговорите да продолжат и денес, а новиот краен рок за усвојување на извештајот да биде до вторник (27.08.)

Незавршена обврска

Формирањето на Комисијата за 24 декември беше обврска од Договорот од 1 март за воспоставување на политички дијалог во земјата и нов услов за Македонија на интеграцискиот пат кон ЕУ. Иако членовите на Комисијата беа утврдени воуште во средината на март, дури на 11 јуни беше постигнат договор кој да биде претседател на Комисијата. По еден месец ефективна работа и подготвен извештај за 24 декември, претседателот на Комисијата се повлече од функцијата поради рововските битки во кои западнаа партиските ставови за одредени формулации во извештајот. Во последниов обид за усогласување на извештајот, персоналниот состав на Комисијата беше засилен и со присуството на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, шефот на неговиот кабинет, Мартин Протогер, лидерот на СДСМ Зоран Заев и заменик-претседателката Радмила Шеќеринска.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje

Извори во Комисијата велат дека е спорно само едно прашање - формулацијата за отстранувањето на новинарите од Собранието

Јавноста е веќе изморена од долгата агонија во Комисијата, која од инструмент за решавање на проблемите, стана проблем сам за себе.

Она што беше засеано на 1 март, се жнее на крај на август, оценува аналитичарот Арсим Зеколи.

„Комисијата ја одгра својата замислена улога за транзиција од, за Груевски неповолната состојба во која се наоѓаше поради јакнењето на 'Отпорот', додека за опозицијата претставуваше формула за спас на образот поради неодлучноста дали да се оди на бојкот или на избори. Груевски е несомненот добитник од таа стратегија, не поради својата способност, туку по вина на безидејноста на опозицијата и тесноградите амбиции на грст политичари. Односот на Груевски кон Комисијата, е само дел од етаблираната стратегија на 'сецкање салама' на постепено потчинување на општеството преку поделби, закани и застрашувања. Опозицијата нема сили, ниту средства или медиуми за да ја расплинува борбата врз дузина прашања кои му овозможувааат на Груевски огромен маневарски простор", вели Зеколи.

Според него, наместо кон Комисијата, вниманието треба да се фокусира кон катастрофалната економска состојба, во која, ако не се интервенира навреме, ќе израсне и во безбедносен проблем.

Проблемите под тепих

Зошто македонската јавност, а заедно со нив и претставници од Брисел, цело лето потрошија на утврдување на фактите околу тој настан, кога тие се повеќе од очигледни, праша во својата колумна, Главната уредничка на „Утрински весник", Соња Крамарска.

„Одговорот е едноставен. Затоа што, ако не беше тоа, ќе мораше да се дискутираат поважни теми. А тие во Македонија, нели, се ставаат под тепих. Јавноста всушност одамна заборави што се случи на 24 декември. По 24 декември дојдоа локални избори на кои граѓаните беа под силна партиска окупација, веднаш потоа се случи загинувањето на Никола Младенов, па апсењето на Томислав Кежаровски. Зборот ми е, дека покрај таква голема густина на важни настани е природно претходните да паѓаат во заборав. Или да се памтат но никому да не му бидат важни. Оттука и самиот извештај за 24 декември, ќе биде нешто што нема да трае повеќе од три дена. Доаѓа септември, нова учебна година, доаѓаат нови политички предизвици за целата држава, се пишува извештај на ЕК за прогресот на Македонија, ќе се зголемува притисокот за името. Навикнати на чести избори, не е исклучено владејачката десница повторно да сака да си поигра со инструментот наречен предвремени парламентарни избори", пишува Крамарска.

Во Македонија и натаму е евидентно отсуство на суштински дијалог кој резултира со разбирање и прифаќање и на поинакви ставови. Дури и да беше усвоен извештајот за 24. декември под менторство и притисок на партиските лидери, дијалогот не функционира „на терен". Тоа го покажа и комисиската расправа во Собранието за законот за медиуми, поради што опозициската СДСМ ја напушти расправата.

Поврзана содржина