1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Црн Велики петок за Бундесверот во Авганистан

Во Германија владее длабока потресеност по загинувањето на тројца војници на Бундеверот во Кундус. Само неколку часа по настанот, војниците на Бундесверот по грешка убија петмина авганистански војници.

default

Само неколку часа по загинувањето на тројцата германски војници во северен Авганистан, војниците на Бундесверот по грешка убија петмина припадници на авганистанските сили за безбедност. Како што соопшти командата на мисијата на Бундесверот во Потсдам, авганистанските војници се наоѓале во две цивилни возила во близина на Кундус и не запреле кога тоа од нив го побарале германските војници. Портпарол на Бундесверот изрази длабоко жалење за инцидентот и најави истрага за него.

Нема потреба од промена на стратегијата

Германската канцеларка Ангела Меркел пак го осуди вчерашното убиство на тројцата германски војници како подмолен напад, а германскиот министер за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг предвремено го прекина одморот во Јужноафриканската Република.

„Размерот на борбите ја покажува опасноста на ангажманот во Авганистан, кој меѓутоа е неопходен. Слично се изјасни и германскиот министер за развојна помош Дирк Нибел, кој во моментов се наоѓа во Авганистан.

„Германската влада и јас лично сум тешко погоден од смртта и ранувањето на нашите војници. Но, мораме да ја продолжиме мисијата за да не им овозможиме на терористите да ги остварат своите намери.“

Опозицијата во Германија изрази жалење за смртта на германските војници, но истовремено и критички забелешки на германскиот ангажман во Авганистан. За шефицата на Зелените, Клаудија Рот, ова е доказ дека не функционира толку фалената мрежа на безбедност. Партијата на левите со порака-оној кој праќа германски војници во Авганистан, праќа луѓе во смрт. Левите бараат повлекување на Бундесверот од Авганистан.

Бригадниот генерал Франк Лајденбергер пак оцени дека нема потреба од промена на стартегијата во Авганистан поради овој инцидент. Бундесверот и натаму останува на својата задача, заштита на авганистанското цивилно население од талибанците.

„Се наоѓаме во тешка фаза, но ќе ја завршиме обврската до крај“, изјави генералот.

Leidenberger zum Anschlag in Kundus

Бригадниот генерал Франк Лајденбергер

Една од најтешките битки

За Бундесверот вчерашната битка во Хар Дарах беше со најтешки последици од почетокот на мисијата. Германските војници при расчистувањето на мини биле нападнати од околу сто бунтовници, борбата траела повеќе часови. Според воени извори, талибанците биле вооружени со лесно оружје. Бундесверот пак не можел да употреби тешко оружје, зашто талибанците биле забарикадирани во куќи на цивили, како што тврдат очевидци. Освен тоа, под едно оклопно возило на Бундесверот експлодирала мина.

Трагичниот биланс е тројца загинати и осуммина ранети. Настраданите биле префрлени со хеликоптер во германскиот логор во Кундус и Масар и Шариф.

Хар Дарах се смета за најопасна област во севрноавганистанската провинција Кундус.Талибанците оттаму порано постојано испалуваа ракети врз германскиот логор. Во Авганистан во моментов се ангажирани околу 4500 германски војници.

Автор: ЖА/ СН/ дпа/афп/ројтерс/дв

Редактор: Симе Недевски

Поврзана содржина